Проф.Петрески: 30 години не можеме да постигнеме внатрешен конзсензус за клучните реформи кои ќе го откочат економскиот раст

од Vladimir Zorba

Триесет години oд осамостојувањето на Р. Македонија се чини дека економските параметри за успешност се далеку од розови.

Институтот „Фајненс тинк“ во својата последна анализа напиша дека невработеноста во земјава е под нивото од пред осамостојувањето но се уште над т.н природна стапка на невработеност а БДП по глава на жител за овие три декади пораснал за 60%.

На прашањето каква економија имавме а каква е таа сега, професорот Марјан Петрески за „Локално“ вели: „Секако како нација имаме простор да бидеме незадоволни од постигнатото, меѓутоа да забележиме дека во оваа временска дистанца од 30 години, реалниот БДП по жител, кој е еден агрегатен показател за животниот стандард во една земја, пораснал околу 60%. Ако претпоставиме дека денес имаме помалку жители од она што е сеуште официјална бројка, тогаш можеби фактичкиот БДП по жител е и нешто повисок. Но, тоа секако не е доволно. Гледајќи наназад, многу надворешни и неекономски фактори влијаеја земјата да не може да постигне повисоки и континуирани стапки на раст”.

Дел од тие фактори според Петрески беа и во наша моќ, како на пример институционалниот поредок и владеењето на правото, квалитетот на образовниот систем, здравството, инфраструктурата.

“Таквите реформи секако зависеа и се уште зависат од нашиот капацитет, но и општествено-политичка волја, да ги спроведеме. Ние 30 години дискутираме, на пример, за образовни реформи, а многу транзициски економии, таквите структурни реформи ги завршија уште во 90-тите”, објаснува тој.

Петрески е согласен со фактот дека три децении секоја Влада носи свои економски планови и стратегии кои во пракса не се покажаа како целосно успешни а уште помалку како долгорочни.

„Мислам дека се сведува на не можноста да постигнеме внатрешен консензус околу клучните крупни реформи кои треба да го откочат растот, односно неуспехот да ја поставиме земјата на една долгорочна патека на која долгорочните цели на општеството, и на секоја партија која формира влада, ќе бидат исти, а ќе биде само различен инструментариумот на политики и програми кој се користи за да се постигнат тие цели”, истакнува тој.

К.В.С.

Слични содржини