Проф.Трајковски: Омикрон во Македонија најверојатно ќе пристигне околу новогодишните празници

од Берта Китинска

Според најновата коивд анализа на професорот Дејан Трајковски од Техничкиот факултет во Битола новиот сој Омикрон, во Македонија најверојатно би пристигнал околу новогодишните празници.

-Поаѓајќи од моментаниот седумдневен просек на дневниот број на случаи (325) и од просечниот количник на геометриската прогресија на дневниот број на случаи од последниот врв до денеска (0,983), пресметките покажуваат дека до спорадично заразување (под 26 нови случаи дневно) би дошле за околу 146 дена, односно кон крајот на април. Дотогаш би имале уште околу 18.800 нови случаи. Во едно друго, понеповолно сценарио, бројот на идни случаи би изнесувал околу 33.400 случаи.

Меѓутоа, ниту едното ниту другото сценарио нема да значат ништо откако во земјата ќе пристигне сојот Омикрон, а тоа најверојатно ќе се случи пред новогодишните празници, со масовното пристигнување на иселениците од западна Европа. Карантин за патниците од Јужноафриканската Република повеќе нема ништо да ни значи, затоа што сојот веќе започнува да се шири низ Европа, а пристигнувањето кај нас, во услови на целосно отворени граници, е речиси сигурен.

Така велат и нашите власти, кои пристигнувањето на новиот сој го сметаат за црна судбина, на која не можеле да влијаат. Додуша, Кина со својата Нула-ковид политика покажа дека не постои судбина, доколку се преземат соодветни мерки на граница. Значи, не е точно дека доаѓањето на вирусот не може да се спречи. Нема невозможност има само неспособност, но ние сме веќе навикнати на неа, зар не?

Да уживаме во намалувањето на дневните броеви на нови случаи (како и на починатите, чиј број веќе го премина максимумот и се наоѓа во надолна патека) уште еден месец. До тогаш ќе знаеме повеќе и за преносливоста, но и за отпорноста кон вакцините и реинфекциите кај прележаните поради Омикрон сојот, па ќе правиме нови сценарија, пишува Трајковски на Фејсбук.

Слични содржини