Проф.Треновски: Институциите треба да бидат носители на економските реформи , а не политичките партии

од Vladimir Zorba

Согласен дека е неспорна потребата од консензус меѓу политичките елити во однос на економските реформи,д-р Борче Треновски професор на Економскиот факултет при УКИМ, истовремено укажува и на нужноста  од согледување на пошироката слика која според него, воопшто не е едноставна.

Во разговор за „Локално“ потсетува дека предлогот на Хари Костов  за потпишување на економски Рамковен договор не е нов, а едно од  неговите основни ограничувања вели тој, останува голиот политички интерес (споменат и во анализата на Треневски од 2013 кадешто тој е ко-автор).

Дневните политички дебати и интереси се менуваат во зависност во која фаза е политичкиот циклус (дали се наближуваат избори) и од други дневни/месечни политички мотиви кои се менуваат често – што може да биде едно ограничување во реално согледување на проблемите, приоритетите и процесот за постигнување долгорочен економски консензус’’вели Треновски.

Посочува дека процесот на долгорочно поставување на политики подразбира дека  дел од овие политички програми ќе имаат одредени пречки, што ќе им го стеснат просторот на политичарите за „политичка игра и „игра“ со своите гласачи.

„Кога ќе се смени власта, новиот министер ќе треба да прифати дека определен приоритет е поставен и тој би имал ограничен простор да прави „тектонски“ промени во политиките и да биде „топ реформатор“, вели Треневски.

Посебен предизвик според него ќе биде и прашањето кoj ќе го мониторира сето ова, односно кој  ќе утврдува дали секоја од засегнатите страни – политичарите-институциите-бизнисот-граѓаните се придржуваат до своите улоги? Дециден е дека централна улога во процесот на економски реформи и подобрувања треба да имаат институциите.

„ Доколку економијата е некој вид на „брод“ која плови во неизвесното глобално море – политичарите, заедно со засегнатите страни можат да ги определуваат долгорочните курсеви на бродот, меѓутоа институциите се тие кои го одржуваат успешно брдот на тој курс, и тие кои први треба да реагираат/сигнализираат дека определена наредба не е можно да се спроведе, дека има определени проблеми на бродот, или дека доаѓа големо „невреме“, па треба да се размисли за промена на курсот на бродот“, заклучува Треновски .

Успешноста на еден ваков договор го условува со неколку претпоставки. Меѓу основните според него се потребата од дефинирање на рамка за клучните економски приоритети, утврдување на институциите како главни носители на процесот, како и поставување конкретни механизми за заштита од политички влијанија на целата институционална инфраструктура  која е вклучена во остварување на приоритетите.

Имајќи ја предвид актуелната дебата во моментот за некаков Рамковен договор за економски реформи, кое е вашето мислење дали политиката и економијата можат координирано и без поголеми пречки да делуваат заеднички и да прават реформи и креираат политики?

-Економските реформи и промени секогаш се иницирани од економската околина, економските предизвици, дилеми и проблеми. Политичките елити во секоја земја, па и во нашата, имаат сопствена логика кога дизајнираат политики, кои покрај останатите детерминанти ја вклучува најважната  – креирање политики кои ќе ги одржат подолго време на власт – или да ги добијат следните избори. Ваквата политичка логика често е во судир со основните фундаменти на економијата, посебно со долгорочните економски/социјални последици кај дел од политиките, кои на краток рок може популистички да ја анимираат јавноста.

Оттука политичарите често избегнуваат дури и потребни непопуларни политики и реформи кои би ја загрозиле нивната политичка позиција и би му дале можност на политичкиот конкурент можност за политички напад и јавни прозивање. Оваа  дискусија не е нова, истата во моментов е делумно инспирирана од интересот во јавниот простор  по предлогот на г-дин Хари Костов искажан на конференцијата по повод 20 годишниот јубилеј од Охридскиот договор, иако вакви повици се почесто се повторуваат во јавните дебати, економските собири, научните конференции. Постојат бројни статии, анализи, изјави во државата кои повикуваат со години наназад на определен политички консензус, обединување  за економски реформи итн.

Како ко-автор на една таква анализа насловена “Политички консензус за економската иднина на Република Македонија“, објавена од ЦЕА а во која се јавувам и јас уште во далечната  2013 год., кога еден од клучните согледувања беше дека за политиките (долгорочните приоритети) за кои главните политички партии имаат консензус во нивните политички програми истите имаат најсилно спротивставување/препукување во дневната  политика, и обратно за дел од прашањата за кои немаат некој посебен консензус воопшто и не се дискутира во јавноста. Ова укажува дека дневните политички дебати и интереси се менуваат во зависност во која фаза е политичкиот циклус (дали се наближуваат избори) и од други дневни/месечни политички мотиви кои се менуваат често – што може да биде едно ограничување во реално согледување на проблемите, приоритетите и процесот за постигнување долгорочен економски консензус.

Професоре, еве да претпоставиме дека ќе тргнеме по патот да направиме некој Нов  договор за економски реформи, кои се според вас клучните пречки со кои ќе се соочи ваквиот процес?

-Потребата од консензус/договор меѓу политичките елити е неспорна (што се виде посебно во време на пандемија), меѓутоа  би сакал во продолжение да осветлам неколку специфични  аспекти на ваквата идеја.

Идејата за политички договор за економски реформи кој би го прифатиле политичките елити/партии во првата фаза ќе треба да се соочи со јасно прифаќање на реалните економски ограничувања на политиките кои се предлагаат – ќе биде неопходно реално да се утврдат/признаат економските/фискалните/социјалните ограничувања кои ги има земјата за да реализира определена реформа/политика (како што јас милувам да ставам – да се каже вистината на граѓаните)– што ќе биде предизвик за политичарите.

Понатаму како клучно ќе се отвори прашањето – кој би ги креирал дизајнирал тие долгорочни предлог реформи (тој економски договор)? Дали политичките партии кај нас имаат капацитет заедно меѓу себе, а потоа и со академската, бизнис заедница, граѓаните да се седнат и да ги утврдат идните правци? Ние и сега имаме бројни стратешки документ (на централно/локално ниво) кои не обврзуваат кон внатре и кон меѓународната заедница, но сепак најчесто предлог реформите во собранието/Владата/министерствата/јавните говорници е дека ние треба да го реализираме тоа (реформа/политика/закон) затоа што тоа е ставено во нашата политичка програма. Овде се појавува и прашањето – кој го ставил, дали има потреба од истото, дали има подобра алтернатива итн.  Кога се влегува во процес на долгорочно поставување на приоритети/политики, дел од овие политички програми ќе имаат рамки/ограничувања, што ќе им го стесни просторот на политичарите за “политичка игра”  и “игра” со своите гласачи– кога ќе се смени власта, новиот министер ќе треба да прифати дека определен приоритет е поставен и тој би имал ограничен простор да прави “тектонски ” промени во политиките и да биде “топ реформатор”.

Посебен предизвик, кај бара поширока елаборација во контекст на ваквиот концепт е давање одговор на прашањето – Koj ќе го мониторира сето ова? Кој ќе утврдува дали секоја од засегнатите страни – политичарите-институциите-бизнисот-граѓаните се придржуваат до своите улоги? Која ќе ги спречи очекуваните меѓусебни обвинувања меѓу партиите дека едните или другите не се придржуваат кон приоритетите? Кој ќе ги утврдува перформансите и  дали рамките на приоритети, механизми се реализираат? Она што ќе биде придобивка во ваквиот процес, е што дискусиите ќе се префрлат на полето –  дали се реализираат определени приоритети и дали конкретните политики се во насока на реализација на приоритетите  – а не на широкиот океан од прашања – кои се приоритетите, чиј приоритет е подобар, дали за истите треба да има консензус.

 Доколку политичките партии се главните играчи кои треба да креираат некаков нов Рамковен договор, тогаш што треба да прават останатите институции, која е нивната улога?

-Клучно прашање кое често се запоставува во процесите на изнаоѓање “големи” решенија – е која е улогата на институциите? Зошто решенијата ги бараат клучните партии на лидерски средби, а не клучните институции на работни средби? Кога зборуваме за независни институции, ние зборуваме за институции ослободени од политички и други влијанија, кои самостојно одлучуваат, креираат политики и предлагаат решенија. Ако се изостават институциите од целиот процес се остава простор сите политичките елити да креираат приоритети кои се согласно политичките интереси и разбирања и креирање на договор/рамка која ќе остави простор за политичко влијание во реализација на тие приоритети.

Институциите се тие кои континуирано ги лоцираат тесните грла во економските процеси, тие кои ги знаат ефектите/последиците од определени/политики/мерки, институциите ги спроведуваат мерките/политиките и институциите се тие кои треба да имаат централна улога во процесот на економски реформи и подобрувања. Доколку економијата е некој вид на “брод” која плови во неизвесното глобално море –   политичарите,  заедно со засегнатите страни можат да ги определуваат долгорочните курсеви на бродот, меѓутоа институциите се тие кои го одржуваат успешно брдот на тој курс, и тие кои први треба да реагираат/сигнализираат дека определена наредба не е можно да се спроведе, дека има определени проблеми на бродот, или дека доаѓа големо “невреме”, па треба да се размисли за промена на курсот на бродот. Меѓутоа ако имате слаби институции – тие само технички ги следат поставените курсеви (на пр. од политичарите), па дури и јасно да е гледа дека бродот оди во плитко и може да заринка.

Што е неопходно да содржи т.н рамковен договор за економски реформи за во нашата држава да видиме некое позначајно подобрување на економската состојба?

-Дали „договор“ или „рамка“, или „рамковен договор“? Зошто го спомнавме како алтернатива „рaмковен договор“? – бидејќи зборуваме за рамка на приоритети, механизми, пристапи за постигнување на целта, а договорот се однесува на усогласување/договарање на засегнатите страни. Целта не е да алудираме на Охридскиот договор или договорот со Бугарија, нашата цел е да алудираме на еден друг можен договор, за кој сакам да нагласам  – само доколку постои висока политичка култура/волја може да почне да се размислува и да се работи, а тој договор  најгенерално би ги содржел следните меѓусебно поврзани елементи:

дефинирање механизам за инклузивниот пристап од засегнатите страни (бизнис, граѓани, академија, бизнис, вклучувајќи ги и сите политички партии) во насока на дефинирање рамка на клучните долгорочни економски приоритети – за кои ќе се постигне консензус кој понатаму нема политички да се манипулира и злоупотребува

креирање на рамка и механизам во кој клучните институции ќе ги изградат своите капацитети и тие ќе бидат главни носителите на процесот на оценка/креирање/ реализација на  конкретни предлози за економски промени, реформи и политики – кои се во насока на приоритетите. Овој процес е неопходно да оди паралелно со процесот на креирање рамка за точно утврдување на перформансите/одговорностите на секоја од институциите

дизајнирање на рамка за ослободување од политички влијанија на секоја од економските области и конкретни механизми за заштита од политички влијанија на целата институционална инфраструктура кој е вклучена во остварување на приоритетите – секоја нова политичка елита која ќе дојде треба да знае дека определени процеси се почнати и порано и дека не започнува економијата после политичките избори.

К.В.С.

 

 

Слични содржини