Професори по физичко и педагошка психологија се само дел од новите заменици-министри

од Nikola Popovski

Премиерот Зоран Заев вчера ги достави до Собранието имињата на заменицитe-министри во Владата и нивните биографии.

Башким Хасани, професор по физичко воспитување е предложен за заменик на министерот кој раководи со Министерството за одбрана. Тој со ова образование досега бил заменик директор на Финансиска полиција.

За внатрешни работи ќе биде Назим Буши, Илхан Рахман ќе биде заменик во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, а Фатмире Исакиза во Министерството за надворешни работи.

Заменик на Фатмир Бесими во Министерството за финансии ќе биде Димитар Ковачевски, кој е вонреден професор на Американ колеџ Скопје, бил директор во Телеком и во ВИП.

Економистот Зоран Маневски, поранешен државен секретар во транспорт и врски и во економија, е предлог за заменик-министерското место во Министерството за економија, а досегашниот министер за земјоделие, земјоделскиот инженер Трајан Димковски станува заменик министер во истиот ресор. Заменичкото место во локална самоуправа, пак, му припадна на Демократскиот сојуз, а кандидат е новинарот Зоран Димитровски.

Лекарот Илир Хасани, врвен стручњак во трауматологијата, поранешен директор на Ургентниот центар и на Клиниката за трауматологија, асистент на Медицинскиот факултет, научник и наш претставник во најреномираните светски асоцијации од областа на трауматологијата ќе биде заменик министер за здравство.

Арафат Шабани, професор по педагошка психологија, поранешен декан на Тетовскиот универзитет е предложен за заменик-министер за образование и наука. Енвер Хусејин од Турската демократска партија, дипломиран наставник по одделенска настава, кој бил поранешен државен секретар во Министерството за труд и социјална политика доаѓа на заменичкото место во овој ресор.
Беким Реџепи ќе биде заменик на министерот кој раководи со Министерството за транспорт и врски. Тој е дипломиран правник. Беше член на Судскиот совет. Христина Оџаклиеска, доктор по географски науки е планер за заштита на животната средина и природното наследство, предложена е за заменик министер за животна средина и просторно планирање, како кадар на партијата ДОМ.

Слични содржини