Професорка од УКИМ за сексуалните вознемирувања: Општествен проблем, а не проблем на Универзитетот

од Nikola Popovski

Еден од пет студенти или 21,3 отсто биле во ситуација професор/ка да им се обрати со прекар како „девојче“, „злато“, „кукле“, „маче“. Еден од четири студенти или 26,2 отсто, пак, биле сведоци на споделување сексуални шеги или шеги што се темелат врз родови стереотипи од страна на професор/ка, а на 15,6 проценти од студентите им било даден коментар за нивниот физички изглед.

Ова го покажува истражувањето „Перцепцијата и искуството на студент(к)ите при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) со сексуално вознемирување“, спроведено од студентите на Меѓународните интеркултурни студии во соработка со здружението Младински мировен хаб и Фондацијата „Фридрих Еберт“ – Скопје.

Повеќе од половина или 51,8 отсто од студентите одговориле дека УКИМ „не ги штити“ и „воопшто не ги штити“ студентите од сексуално вознемирување.

Дел од професорите со вчудовидување ги коментираат ваквите податоци од истражувањето и велат дека не се запознаена со таквата состојба на УКИМ.

-Многу сум скептична во однос на методолошката поставеност на тоа истражување. Тоа е голем процент и јас сум била студентка на овој универзитет и никогаш не сум била сведок на такво нешто. Можам од спротивната страна да зборувам за делот од нашиот менталитет и пристојноста на облекувањето на одредени студенти. Ние воопшто не сме ригорозни во однос на тоа, вели професорка од УКИМ за „Локално“ која сакаше да остане анонимна.

Таа потенцира дека е изненадена од резултатите од истражувањето.

-Истражувањето доаѓа од самиот универзитет. Не можам да го коментирам бидејќи не знам какви биле прашањата и како било спроведувано. Малку ми се вознемирувачки процентите на состојбите. Кога би било перфектно тоа истражување, јас на тоа би гледала како на општествен проблем, а не на проблем на УКИМ, оценува професорката.

Соговорничката вели дека никогаш не се соочила со некакво сексуално вознемирување, ниту од студентите, ниту од некој професор.

-Универзитетот е премногу отворена институција и се разговара за сите проблеми. Овие се општествени проблеми и ние сме ги дискутирале во рамките на и на општествените состојби и на состојбите при УКИМ, поврзани со други негативни појави како корупција и непотизам. Сме ги дискутирале и со студентите, упатени преку различни дебати, форуми и активности, посочува професорката.

Таа е децидна дека треба да преземат други акции и справување со ваквиот тип на проблеми, кои според неа, се рефлексија на некои општествени состојби.

-Ако тука се појавува таков проблем, тогаш тој проблем го има и на други универзитети и во други општествени средини и сегменти, коментира професорката.

Н.П.

Слични содржини