Професорката од Бања Лука која успеа да го „потресе“ Додик: Која е Јелена Тривиќ?

од Nikola Popovski

На општите избори во Босна и Херцеговина се случи она што многумина го сметаа за незамисливо – опозициската кандидатка Јелена Тривиќ сериозно го „потресе“ Милорад Додик во трката за претседател на Република Српска. Официјалните резултати се уште не се објавени, а Централната изборна комисија на Босна и Херцеговина најави дека повторно ќе се јави во 17:00 часот. Сепак, и Додик и Тривиќ прогласија победа на изборите, а нејзината партија исто така бара повторување на гласањето во Република Српска.

Централната изборна комисија утрово ги објави првите прелиминарни резултати за избор на претседател на Република Српска.

На 81,91 отсто од обработените избирачки места, кандидатот на СНСД, Милорад Додик, освоил 242.851 глас или 48,80 отсто, додека Јелена Тривиќ 212.452 гласа или 42,69 отсто.

Иако и Додик и Тривиќ синоќа прогласија победа, во соопштението на ЦИК се посочува дека борбата допрва претстои. Додик и неговиот СНСД истакнаа дека се сигурни во победата, додека тимот на Јелена Тривиќ побара повторување на изборите.

Лидерот на ПДП, Бранислав Бореновиќ, на прес-конференција во Бања Лука рече дека кандидатката на ПДП, Јелена Тривиќ, го победила Милорад Додик во трката за претседател на Република Српска, и покрај сегашните резултати кои велат поинаку.

„Не се откажуваме. Ќе истражиме што се случило во текот на ноќта. Нема да се откажеме. Правниот тим на ПДП подготвува сериозни правни дејствија против ЦИК на БиХ. Видете, 30.000 неважечки ливчиња според податоците на ЦИК од утринава. Има сериозни основи за откажување на претседателските избори во најголемиот дел од Република Српска“, рече Бореновиќ и додаде дека тоа ќе биде барање на неговата партија како и на нивната кандидатка Јелена Тривиќ.

Неговиот став го повтори и Јелена Тривиќ, која изјави дека не добила ниту глас во местото од каде што доаѓа, иако мештаните и потврдија дека го заокружиле бројот пред нејзиното име. Таа подвлече и дека бара да се поништат резултатите и да се повторат изборите.

И покрај се, неспорно е дека Јелена Тривиќ годинава успеа да му зададе сериозен удар на Додик и неговата машинерија, кои 20 години се на власт во Република Српска.

Како поминаа изборите

Годинава списокот со кандидати за претседател на Република Српска беше доста долг, имајќи предвид дека на него има 31 име.

Сепак, голем број кандидати не мора да значи и поголема неизвесност. Практично од почетокот на изборната кампања се водеше жестока битка меѓу Милорад Додик и Јелена Тривиќ, кандидат на Партијата за демократски напредок (ПДП).

Иако во изминатите месеци немаше директна пресметка меѓу Додик и Тривиќ, бруталната кампања се водеше на социјалните мрежи и на други фронтови.

Така, Додик од недела по недела конструирал афери во кои наводно учествувала Јелена Тривиќ, како и членови на нејзината партија.

Можеби токму напорите на неговата СНСД доведоа до пресврт на ситуацијата.

Која е Јелена Тривиќ?

Јелена Тривиќ е српска политичарка, универзитетски професор и доктор на економски науки. Таа во моментов е пратеник во Народното собрание на Република Српска и потпретседател на Партијата за демократски напредок (ПДП).

Родена е на 8 август 1983 година во Бања Лука, каде што дипломирала на Економскиот факултет. Магистрирала на Универзитетот во Болоња, а докторирала на Економскиот факултет на Универзитетот во Белград.

Тривиќ е вонреден професор на Економскиот факултет на Универзитетот во Бања Лука. На изборите за пратеници на Република Српска во 2018 година, таа беше избрана за пратеник во Народното собрание на Република Српска во име на Партијата за демократски напредок (ПДП). Член е на собраниската Комисија за трговија и туризам и на Комисијата за финансирање и буџет.

Слични содржини