Производителите на канабис бараат итно да се донесе нов закон: „Оваа индустрија може да донесе голем економски бенефит“

од Берта Китинска

Заглавени сме во лавиринтот на Собранието и парламентарните партии. Нема едногласност меѓу политиките чинители. Власта се плаши јавно да ја поддржи индустријата, а опозицијата сака да критикува се што ќе се случи, велат од Асоцијацијата на индустријата за канабис при Стопанската комора на Северна Македонија.

Според претседателот на Асоцијацијата, Орце Јордановски, целта е првенствено да им се помогне на пациентите со ретки болести. Но, законското решение е заглавено во Парламентот зашто нема едногласност меѓу политичките чинители.

-Разговараме и со едните и со другите за да ги разубедиме. Никаде во земјава не се случиле инвестиции над половина милијарда колку што носиме ние. Многу скоро ќе ја соопштиме и анкетата за јавното мислење според кое, генерално, само граѓаните се свесни за што станува збор, истакна Јордановски.

Според него, станува збор за модерна индустрија за која земји како Германија креираат државни стратегии.

– Не може Северна Македонија да си дозволи да ја деградира веќе посточеката инфраструктура на оваа индустрија која може да донесе голем економски бенефит и која има инвестирано приближно една милијарда евра, а вработува преку 1 000 лица, плус посредно и голем број кооперанти кои во различни сфери нудат услуги, опрема и материјали, потенцира Јордановски.

Игор Ангелески од Асоцијацијата информира дека изминатиов период на шест компании им се одземени лиценците за работа, а во процедура за добивање нови лиценци се 10 компании од кои седум ги исполнуваат условите и се во завршна фаза за одобренија за работа.

– Десетина од активните компаниии се со висок степен на индустриска технолошки напредна технологија во делот на екстракција и производи од медицински канабис кои би помогнале во многу состојби и дијагнози во сферата на неуро науката. Нашата заложба е да создадеме клима и услови за надминување на моменталната состојба, да ги откочиме моменталните пречки со кои се соочуваат пациентите, одгледувачите и производителите, посочи Ангелески.

Слични содржини