Производствените компании воздржани околу најавите за 10% намалување на цената на храната

од Vladimir Zorba

Прехрамбените компании се задоволни од новата антикризна мерка според која се обезбедува поевтина цена на електричната енергија за производителите на основни прехрамбени производи. Но дали и во колкава мерка ќе се оствари очекувањето на Владата дека цените ќе се намалат за 10 %, ќе се знае од следната година бидејќи овој месец ќе се потпишуваат договори за електрична енергија, а првата сметка со намален трошок за струја ќе пристигне на крај на декември.

Дел од компаниите со кои контактираше „Локално“ велат дека антикризните мерки се нужно потребни бидејки трпат огромни загуби во работењето. Според нив, цените ќе се стабилизираат или минимално намалат но не треба да се очекуваат драстични корекции бидејќи цената на струјата учествува со 7-18% во крајната цена на ппроизводот. Воздржан став во однос на оваа дилема искажува и Томе Петковски од Агроплод Ресен.

-Производната цена е составена и од други фактори на производство како што се суровини, работна сила, енергенси , логистика , опрема и тн. чии цени се покачени. Електричната енергија е еден од влезните фактори во пресметка на цената, што значи дека намалувањето на цената на овие производи може да биде помалку од очекуваноте 10%, но сепак е добар почеток, вели Петковски.

Според него во пакетот мерки треба да бидат опфатени сите производители на храна и извозно ориентираните фирми затоа што ваквата состојба влијае на нивната конкурентност.

-Доколку не бидат подржани и овие компании ќе се изгубат голем број на пазари на кои е многу тешко повторното враќање, а сето тоа ќе влијае на девизниот прилив во државата. Дополнително, целокупната состојба влијае и на намалување на продажбата што на среден рок може да предизвика нерешливи економски последици кои не можат да се премостат и ќе предизвика гаснење на голем број економски субјекти, објаснува Петковски.

На последиците од енергетската криза укажуваат и од секторот свињарство. Дел од фармите што се занимаваат со одгледување на свињи за локално велат дека досега не биле дел од антикризните мерки, па оттука и нивните дилеми за понатамошната одржливост на овој бизнис.

-Само до пред две години јас плаќав од 6000 до 7000 денари за потрошена електрична енергија. Сега, мојата последна сметка изнесува 40.000 денари. Ќе се согласите дека разликата е огромна. Јас во моментов чувам 50 мајки свињи за приплод, а во текот на зимата ќе морам да користам греалки за малите прасиња. Доколку добиеме поевтина струја, нашите трошоци ќе бидат намалени, но не можам да потврдам за колку ќе можеме да ја намалиме цената на нашиот производ. Во моментов продаваме месо жива мера по 120 денари за килограм , односно работиме со загуба. До сега не сме биле дел од пакетот мерки за подршка од странана Владата, она што единствено го добиваме се редовните субвенции -1000 денари за крмача и исто толку за товеници за преработка на свинско месо, вели Гоце Серафимов од Асоцијација на земјоделци и сопственик на фарма за свињи.

Владата најави електрична енергија по цена од 80 евра за мегават час за компаниите производители на масло за јадење, леб и пекарски производи, брашно, млеко и млечни производи, месна и живинарска индустрија.Со оваа мерка се очекува компаниите да имаат предвидливост, стабилна и поевтина струја што на крајот треба да влијае на стабилизирање на цените на финалните производи и нивно намалување за најмалку 10 %.

К.В.С.

Слични содржини