Промена на власта во Грција, но без промена на ставот за Договорот од Преспа

од Ивана Рамаданова

Политички препукувања, влијание врз изборните резултати, загуба за малите партии, промена на политичката сцена, целосно или делумно предизвика Договорот од Преспа на грчката политичка сцена во 2019.

Минатата година започна во знакот на решението на проблемот меѓу двете земји, со оглед на тоа дека топката се префрли на грчки терен, а по ратификувањето на Договорот следеше и бурен предизборен период, три изборни процеси, изборен пораз на СИРИЗА и промена на власта во Грција, промена која не донесе и промена во ставот во однос на Договорот ,јави дописничката на МИА од Атина.

Иако Нова демократија, во предизборниот период настапи со остра реторика за Договорот, по преземањето на власта, ја омекна позицијата, поддржувајќи со ставот дека земјата има континуитет, Договорот е веќе потпишан и ратификуван, а Грција ќе го почитува како што и од другите бара да се придржуваат кон меѓународното право (политиката во однос на Турција). Кусо по француското вето за доделување датум за членство на Северна Македонија во ЕУ, грчката дипломатија се активираше со иницијативи за поддршка и промоција на европската перспективата на Скопје и Тирана.

Грција помина „жежок“ почеток на 2019. Во период помал од еден месец, парламентот имаше три критични гласања: за доверба на тогашната влада, за ратификација на Договорот од Преспа и за ратификација на Протоколот за членство во НАТО. Ципрас како премиер „го загуби“ коалициониот партнер Каменос, Река и Независни Грци останаа без пратенички групи, пратеници кои го поддржаа Договорот се соочија со сериозни закани по нивните животи, нападнати домови со молотови коктели.

А од нападите и заканите не беа поштедени ниту новинарите и фоторепортерите на протестот во Атина, неколку дена пред ратификацијата на Договорот, кога се случија сериозни инциденти.

2019 беше година која донесе и важни промени за Северна Македонија и Грција, по стапувањето на сила на Договорот од Преспа. Во двете земји канцелариите за врски се подигнаа на ниво на амбасади, беа изгласани одлуките за отворање на два нови гранични премина, Грција прва го ратификуваше Протоколот за наше членство во НАТО, а грчки премиер прв пат беше во официјална посета на Скопје.

На 25 јануари 2019 грчкиот Парламент, по над 38 часа жестока дискусија, со 153 гласа „за“, 146 „против“, а еден воздржан го ратификуваше Договорот од Преспа.

Договорот од Преспа ги раздели Ципрас и Каменос

На ратификацијата ѝ претходеа низа настани во Грција. Алексис Ципрас и СИРИЗА останаа без коалициониот партнер во владата Панос Каменос и неговата партија Независни Грци.

По средбата Ципрас – Каменос во премиерската палата на 13 јануари 2019, лидерот на Независни Грци соопшти дека се повлекува од владата образложувајќи дека „прашањето на Македонија не му дозволува да не ја жртвува фотелјата“ и си даде оставка од позицијата министер за одбрана. Тогашниот премиер, рече дека продолжува ва со надеж дека неговата влада ќе го истурка четиригодишниот мандат и затоа по бара поддршка од парламентот.

– Ја донесов одлуката, го известив претседателот на Парламентот дека набргу ќе пристапиме кон процесот предвиден од Уставот и правилникот на Парламентот, за обновување на довербата на мојата влада, за да одиме напред со апсолутно мнозинство, рече Ципрас во изјавата по средбата со Каменос.

Па така, кусо пред Договорот од Преспа да дојде во грчкиот Парламент, тогашниот грчки премиер, побара и доби доверба од пратениците. Ципрас остана без коалиционен партнер, но со помош на неговите 145 пратеници, четворица независни пратеници и двајца од Независни Грци успеа да добие доверба од Парламентот.

Во тој период, во текот на јануари, Договорот од Преспа и македонско – грчките односи беа главна тема во медиумите во Грција. Весниците беа преплавени со анализи и натписи за влијанието на решението меѓу двете земји врз внатрешно – политичките случувања во Грција, во дебатните и информативните емисии на грчките телевизии пратеници од сите партии, експерти и новинари дискутираа на тема Договорот од Преспа.

Непосредно пред почетокот на расправата во парламентот за ратификацијата на договорот, атмосферата во Грција беше особено вжештена.

Закани преку телефон до пратениците кои го поддржуваа решението меѓу двете земји од една страна, протест против договорот во центарот на Атина од друга и кампања од владата за промоција на Договорот од Преспа од трета страна.

Под слоганот „Македонија значи Грција“, т.н. „Комитет за борба за грчкиот карактер на Македонија“, на 20 јануари 2019 организираше протест на плоштадот Синтагма, пред грчкиот парламент против Договорот од Преспа.

Слични содржини