Во рамките на фестивалот „ArtArea“ во кафе-книжарницата „Буква“, утре со почеток во 20 часот ќе се одржи промоција на книгата „Стрип – деветтата уметност“ од Томислав Османли, во издание на „Бегемот“.
Книгата ќе ја претстави Јован Битољану, соосновач на стрип книжарницата „Бункер“, а разговор со авторот и со присутните ќе води ликовниот уметник и стрип-автор Ѓорѓе Јовановиќ, воедно и автор на атрактивната корица на книгата.
Тоа е труд од капитално значење како за домашната, така и за стрип културата воопшто; книга што, покрај разгледи за естетиката и за медиумските функции на стрипот, ја содржи речиси деветдецениската авторска хроника на македонскиот стрип, претставена низ четирите заокружени и петтата, штотуку навестена етапа на неговиот историски развој. Таа историска хроника – започната во двете претходни изданија на 20 страници – во новата книга Томислав Османли ја осветлува на 100 страници, низ детелизирани стручни и креативни биографии на генерации од многубројни стрип творци (илустратори, сценаристи, публицисти) кои создавале порано, како и оние бројни автори кои денес создаваат стрип творби.