Промоција на новиот албум на Fighting Windmills во Менада

од Vladimir Zorba

 Промоција на новиот албум на скопскиот бенд Fighting Windmills – An Exercise in Surprise LP ќе се оддржи на 26. април, со почеток во 21.00 часот во барот Менада.  Музички издавач  е Шарла Рекордс.

Fighting Windmills е музички колектив составен од пет високо образувани музичари собрани околу овој проект во 2007 година од кога имаат реализирано пет албумски изданија. Се работи за состав кој за цело време ,,инвестира’’ во истражување нови музички територии внимателно градејќи го својот автентичен став и израз. Стилски и жанровски се ослободени од било какви јасни одредници, иако можат да се препознаат разни влијанија од пост-рок, слободен џез, пост-панк и современата класична музика или одредени фолклорни и современи амбиетални варијации.

На новиот An Exercise in Surprise албум, Fighting Windmills покрај веќе востановените насоки флертуваат и со елементи на современиот скандинавски џез, диско-панк и теми од соло делниците на Чарли Паркер. Генералниот концепт и насловот на албумот се инспирирани од албум на легендарниот квинтет на Кен Вандермарк.

Целиот материјал на албумот е авторско и продукциско дело на членовите на бендот, снимен е во студиото BPM од Младен Павлески, а измиксан и мастеризиран во студиото Алшар од Ивица Јанкуловски. Дизајнот на албумот го изработи гитаристот на бендот Филип Букршлиев – Бука.

Албумот ќе биде достапен во облик на луксузно CD издание во ограничен број за време на промоцијата во четврток на која Fighting Windmills во живо ќе го отсвират комплетниот албумски материјал.

Од петок, 27. април истиот ќе биде на располагање за слободно дигитално преземање на bandcamp профилот на Шарла Рекордс – https://sharla.bandcamp.com/

Fighting Windmills на 1. јуни ќе ја имаат честа како единствен македонски претставник да настапат на овогодинешното издание на веќе престижниот Оффест во организација на Скопје Џез Фестивал.

Линк до официјалниот сингл Fighting Windmills 

Слични содржини