Промовирана Единицата за следење на инфраструктурни проекти, за „поквалитетни патишта, водоводи, железнички пруги, училишта, градинки…“

од Vladimir Zorba

Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и амбасадорката на Обединетото Кралство Рејчел Геловеј се обратија на конференцијата: „Одржливата инфраструктура го поттикнува развојот и ја поддржува климатската акција” на која беше промовирана Единицата за следење на инфраструктурни проекти. Конференцијата се реализира во рамките на проектот „Зајакнување на капацитетите на Северна Македонија за управување со јавната инфраструктура”, финансиски поддржан од Британската амбасада во Скопје.

Заменик-претседателот на Владата Битиќи во својот говор рече дека многу земји се соочуваат со предизвикот да обезбедат зголемени инвестиции во инфраструктурата во ера на намален фискален капацитет.

„Вложувањето во подобрена и одржлива инфраструктура е неопходност за постигнување на развојните економски цели кон кои сме насочени. Токму затоа одлучивме да формираме едно специјализирано владино тело – Единица за следење на (капитални) инфраструктурни проекти. Единицата за следење на (капитални) инфраструктурни проекти на едно место ќе ги собира сите податоци за големите инфраструктурни проекти, ќе прави координација на сите проектни единици, со што ќе овозможува навремено детектирање и справување на сите тековни и потенцијални предизвици со кои се соочуваме при искористување на буџетот за капитални инвестиции, како во централниот буџет, така и во буџетите на другите институции во чија надлежност е изградбата на големи инфраструктурни проекти”, изјави вицепремиерот Битиќи.

Дополнувајќи дека за нашите граѓани тоа ќе значи „Подобри и поквалитетни патишта, водоводи, железнички пруги, училишта, градинки, водоводи, канализации, прочистителни станици, брани, системи за наводнување и одводнување и многу други капитални објекти кои навремено ќе бидат планирани, буџетирани, проектирани и изведени.”

Министерот за животна средина Нуредини напомена дека е потребно да го унапредиме користењето на софтверски алатки кои покажуваат и истражуваат како основните инфраструктурни системи функционираат заедно во сегашноста, но и во иднината, притоа идентификувајќи ги ризиците и можните ефекти пред тие да се случат.

„Постојните инфраструктурни модели придонесуваат кон трите клучни предизвици со кои се соочуваме: климатските промени, губење на природата и биолошката разновидност, и загадувањето и отпадот. Инфраструктурата е одговорна за 79 проценти од вкупните емисии на стакленички гасови. Најголемите извори на стакленички гасови се поврзани со секторите енергија, транспорт и градежништво. Повеќе од јасно е дека е потребна засилена соработка помеѓу клучните чинители, подобрена координацијата на локално, национално и меѓународно ниво и системски и интегриран пристап од страна на носителите на одлуки во процесот на спроведување на инфраструктурни проекти”, изјави министерот Нуредини.

Министерот Бочварски напомена дека инвестициите во инфраструктурата овозможуваат подобри услови за развој на економијата, подобар квалитет на живот на граѓаните и отворање на нови работни места.

„Инфраструктурата е примарен фокус на оваа Влада. Нашите развојни планови опфаќаат инвестиции од преку 2,7 милијарди евра само во патната и железничката инфраструктура.

Оваа година е рекордна по инвестиции во патната инфраструктура. Вредноста на инвестициите во изградбата и реконструкцијата на патната инфраструктура е 360 милиони евра. Секако приоритет е и подигнувањето на безбедноста на патиштата, преку вложување во модерни системи како што е интелигентниот транспортен систем”, изјави министерот Бочварски.

За амбасадорката на Обединетото Кралство Рејчел Галовеј поддршката на британската Влада е долгорочна и комплексна.

“Одржливиот, плански и инклузивен развој е причината зошто Обединетото Кралство го поддржува изготвувањето на „Националната развојна стратегија за Северна Македонија 2022-2042″, како и зеленото сценарио на Националната стратегија за енергетика за 2040. Градењето, отпорноста на идни влијанија и адаптацијата на инфраструктурата е долгорочен процес кој има потреба од посветеност на повеќе генерации и чинители, последователни влади, приватен сектор, академската заедница и истражувачките институти за да се трасира патот кон зелена иднина со низок јаглероден отисок”, изјави амбасадорката Галовеј.

Изминатите шест месеци, во рамките на проектот „Зајакнување на капацитетите на Северна Македонија за управување со јавната инфраструктура”, финансиран од Обединетото Кралство,

Кабинетот на заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции и канцеларијата на Обединетите нации за проектни услуги УНОПС работеа на истражување на можностите за подобрување и унапредување на постоечките механизми, процеси и системи на спроведување на инфраструктурните проекти. Се согледуваа светските искуства и модели и се направи анализа на капацитетите на државата за спроведување на инфраструктурни проекти. Во рамките на проектот се зајакнаа капацитетите за управување со инфраструктурни проекти на повеќе од стотина вработени во администрацијата преку специфични обуки за проектен менаџмент на ваков тип на проекти. Исто така, се изготви анализа и предлог за најсоодветен модел за воведување на централна единица за координација на инфраструктурни проекти, имајќи ги предвид постојните структури и системи.

Слични содржини