Протест на матичните доктори: „Министерот е последна надеж за спас на лекарите“

од Nikola Popovski

Денеска се одржа протест на матичните лекари и медицински сестри пред Министерството за здравство во Скопје. Нивното главно барање им е да се покачи сумата за капитацискиот бод, затоа што, како што велат, тековните 65 денари не се доволни ниту за основни режиски трошоци. Тие денеска појаснија дека нема да прегледуваат пациенти, а од утре следува повеќедневен штрајк.

Претседателката на Здружението на приватни лекари Лили Чолакова Дервишова рече дека министерот за здравство кој доаѓа од примарната здравствена заштита е последна надеж за спас на лекарите од тој сектор.

На протестот се појави и министерот Беким Сали кој рече дека се прифатливи барањата на лекарите, но нагласи дека во Буџетот за оваа година не се предвидени средства за покачување на капитацијата.

„Сите претставници на здруженијата знаат дека работиме на нов модел на финансирање на примарната здравствена заштита. Сметам дека денешниот ден е за одбележување на Денот на здравјето, а не за протестирање“, изјави Сали.

Матичните лекари бараат капитационен бод од 90 денари, промена на режимот на лекови и важење на препораките за хронична терапија, да се промени казнената политика, електронско здравство, како и да се променат буџетите за специјалисти и лаборатории.

Слични содржини