Протест на ВМРО-ДПМНЕ пред МНР, после три дена блокади на скопските улици

од Nikola Popovski

После три дена протести на скопските улици, најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ денеска одржа протест пред Министерството за надворешни работи со барање до власта да каже за што се разговара со Софија во однос на Договорот за пријателство.

Пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски, на протестот ги повика премиерот Зоран Заев, вицепремиерот за евроинтеграции Никола Димитров и министерот за надворешни работи Бујар Османи да се појават пред Собранието и да им објаснат на граѓаните преку пратениците за кои дополнителни анекси се разговара по однос на Договорот со Бугарија.

„Зошто јавноста беше излажана во 2017 година дека Договорот со Бугарија ги решил сите македонско-бугарски спорови и го отвара патот за ЕУ. Гледаме дека тоа не е вистина и сметаме дека таа вистина Заев, Димитров и Бујар Османи им ја должат на граѓаните, на Собранието и на јавноста“, рече Милошоски.

На новинарско прашање до кога ќе траат протестите, Милошоски изјави дека тоа ќе зависи од власта, која вели, ако продолжи да биде таинствена, ќе има одговор каков што има и досега.

Викендов опозицијата нема да протестира ниту во Скопје ниту во останатите градови. За активностите од понеделник ќе се одлучува во зависност од одговорот од власта.

Изминативе три дена освен во Скопје се протестираше и во 9 други градови низ државата.

Слични содржини