Протест пред „Лајка“: Здруженијата за заштита на животни побараа директорката да поднесе оставка

од Берта Китинска

Денеска здруженијата за заштита на животни излегоа на мирен протест пред стационарот на ЈП Лајка.

Со транспаренти „Оставка“, „Ве молиме не ги вознемирувајте активистите“, го изразија својот револт поради  повеќемесечната голгота со в.д. директорката на ЈП Лајка Скопје и нејзиното грубо и несанкционирано злоупотребување на службената положба.

Тие на протестот побараа:

  1. Прекин на прогонот на активистите и опструирање на нивната волонтерска работа
  2. Итно разрешување на в.д. директорката на ЈП Лајка и јавен повик за назначување на таа позиција на долгогодишен активист-волонтер кој ужива углед меѓу активистите
  3. Градоначалникот на Град Скопје итно да отпочне постапки против актуелната в.д. директорка за да спречи понатамошна злоупотреба на службената должност
  4. ЈП Лајка веднаш да се отвори за јавноста секој ден, а не само еден ден во неделата и тоа со закажување
  5. ЈП Лајка итно да почне со масовни стерилизации и кастрации на бездомни животни
  6. Во најкус можен рок јавно да се објават сите документи поврзани со работата на ЈП Лајка што е законска обврска
  7. Да се укинат постојните и да се изработат усогласени со закон обрасци со кои ЈП Лајка воспоставува формално-правни односи со граѓаните

Единствената заложба на здруженијата е хумано и трајно справување со бројот на бездомни животни на улиците, наоѓање соодветни домови за нив, конечно зауздување на неодговорното сопствеништво, неконтролираното размножување и трговијата со животни. А ова единствено се постигнува со работење во согласност со законот, унапредување на законите во склад со најновите научни податоци и искрена посветеност на етички и хуман третман на животните. Ова не се постигнува со лица назначени на јавни функции кои ја злоупотребуваат должноста!

Нема да дозволиме никој што е платен со нашите пари и чија должност е нам да ни служи – да работи на штета на животните!, стои во соопштението.

Слични содржини