Протести на медицинските работници низ Велика Британија, бараат зголемување на платите

од Vladimir Zorba

Стотици медицински работници се собраа низ британските градови за да протестираат и да побараат од владата на таа земја да ја признае нивната напорна работа за време на пандемијата на коронавирус со сериозно зголемување на платите, пренесува АП.

На протестот во Лондон, демонстрантите кои претежно носеа маски и се придржуваа кон правилата за физичко растојание маршираа кон портите на „Даунинг стрит“, седиштето на Владата на Велика Британија и домот на премиерот Борис Џонсон, извикувајќи: „Борис Џонсон, слушајте нè. Платете ни адекватно или заминете си“.

Медицинските работници беа поздравени како херои за време на пандемијата и од владата и од јавноста, но тие велат дека намалувањето на трошоците со децении на оваа и претходните конзервативни влади ја натерале Националната здравствена служба да се бори за опстанок.

Лекарите и медицинскиот персонал во Глазгов го сторија истото со пораките – „Доста празни приказни, дајте ни фер плати“ и „Борис, кој те спаси?“, алудирајќи на фактот дека Џонсон бил во сериозна состојба кога бил заразен со Ковид -19.

Медицинските сестри, старателите и помладите доктори се бесни затоа што останаа без планови да ги зголемат своите плати над стапката на инфлација, споредено со скоро еден милион други работници во јавниот сектор кои имаат различни договори со владата.

Слични содржини