Протести ширум Европа против задолжителната вакцинација: Најлошо во 3 држави

од Stefanija Kuzmanovska

Владите на некои земји одговорија на зголемувањето на бројот на лица заразени со коронавирусот со мерки како што се задолжителна вакцинација или воведување привилегии за вакцинирани лица, но ова наиде на отпор кај некои граѓани, пишува денес „Дојче веле“.

Во последната недела, три европски земји – Грција, Франција и Кипар се соочија со таков отпор.

На протестите во Грција се собраа илјадници луѓе во средата, а само во Атина имаше околу 3.000.

Полицијата употреби водени топови за да растера повеќе од 100 маскирани демонстранти, кои извикуваа пароли против вакцинацијата, а некои агенции објавија дека дел од демонстрантите биле очигледно религиозно мотивирани.

Проблемот во Грција, според ДВ, се појавил кога за само две недели бројот на нови инфекции се искачил од 800 на над 3.000, за што експертите го обвинија „невоздржаниот“ ноќен живот.

Противниците на задолжителната вакцинација се собраа и на Кипар пред неколку дена, а причината беше најавата за воведување на корона пасоши, и наводната „присилна вакцинација“.

Околу 2.500 луѓе излегоа на улиците, а некои од нив го искажаа својот гнев кон седиштето на телевизијата „Сигма“, каде кршеа прозорци, како и на автомобили со логото на таа телевизија, која беше нападната затоа што објавуваше критички написи за противници на вакцинацијата.

Кипарскиот претседател Никос Анастасијадес го осуди насилството како „удар врз демократијата“.

Кипарската влада воведе пропусница за вакцинација, која е неопходна за влез во супермаркети, трговски центри, ресторани и други продавници.

Масовни демонстрации избувнаа и во Франција за националниот празник на 14 јули, на кој учествуваа 20.000 луѓе.

Во исто време, во Шпанија се покажа дека мерките пропишани од владите можат да бидат неуставни, што беше потврдено од највисокиот суд на Шпанија пред една недела.

Судот заклучи дека целосното заклучување, кое беше пропишано од шпанската влада во март 2020 година и траеше до мај истата година, беше неуставно, бидејќи претходно не беше воведена вонредна состојба.

Слични содржини