Проверувајте ги фактите: Водата не може да го „измие“ коронавирусот од вашето тело

од Elena Daskalova

Во екот на потенцијалната пандемија, покрај проверените информации кои доаѓаат од СЗО, од центрите за јавно здравје и од Министерствата за здравство, на социјалните мрежи непрестано се шират непроверени совети за превенција, па дури и за лечење.

Пијте вода за да го „измиете“ вирусот?

Еден од моментално најсподелуваните текстови, кој е достапен и на повеќе јазици, па дури и на македонски и непрестано се шири меѓу корисниците е „советот“ на неименуван јапонски лекар да пиете вода на секои 15 минути за да го „испиете“ вирусот, по што желудочните киселини ќе го „убијат“ и на тој начин ќе спречите заболување. Исто така, длабокото дишење и задржувањето на здивот 10-20 секунди исто така е неточен начин на самодијагностицирање.

Всушност, ваквиот „тест“ не може да се примени на никакво белодробно заболување за да биде индикатор на какви и да се симптоми. Пиењето вода е добро за вашиот организам од повеќе аспекти, но во никој случај не значи дека ќе ги измие вирусите од вашето тело.

Конкретно, вирусите од групата корона најмногу ги напаѓаат горните респираторни канали, како што се носот, синусите и грлото, кои факт е дека се екстремно мокри, но и дека не можеме да испиеме вода која на каков и да е начин ќе ги „измие“. КОВИД 19 пак, ги напаѓа трахеите и белите дробови, а во телото навлегува преку грлото.

Докторот Дејвид Белк од True Cost of Health Care смета дека е невозможно да се измијат вируси од устата или носот и да се внесат во дигестивниот систем. Секој вирус напаѓа конкретна група на органи или ткива, па колку и да пиеме вода, вирусот веќе ја завршил работата за која е „програмиран“.

Лажни апели од УНИЦЕФ

На социјалните мрежи исто се шират лажни апели и препораки, наводно од УНИЦЕФ, кои тврдат дека „маските штитат затоа што вирусот е голем“, „коронавирусот не се пренесува низ воздух“, „на ткаенини останува 9 часа, на метал 12, а на кожа 10 минути“, „на температури од 27 степени исчезнува“, како и „не јадете сладолед и не пијте ледени пијалаци“.

Реалноста е дека препораките на УНИЦЕФ се исти како и оние на СЗО, односно:

1. Мијте ги рацете со вода и сапун и користете алкохолни дезинфекциски средства
2. Кога кашлате и кивате, користете ја внатрешната страна од лактот или марамче, кое веднаш ќе го фрлите
3. Избегнувајте контакт со лица кои имаат симптоми на настинка и грип
4. Побарајте медицинска помош при каква и да е респираторна тегоба

Имајте предвид дека „преживувањето“ на вирусот надвор од телото е уште предмет на опширни истражувања, па затоа не треба да ги земате „здраво за готово“ тврдењата за неговиот опстанок на кожа, метали, ткаенина и други површини, особено кога не знаете од каде потекнува ваквиот совет. Високите температури го намалуваат животниот век, но не го убиваат.

Коронавирусот предизвикува респираторни заболувања, а не дигестивни, па не постои начин како инхалациите, пиењето вода и чаеви и другите лаички совети се применливи во овој случај.

Сите совети кои ќе ги најдете на интернет не треба слепо да ги споделувате и ширите. И понатаму, релевантни извори за тоа како да се заштитите, но и да спречите евентуално ширење на заразата, треба да ви бидат препораките на СЗО и на локалните министерства и центри за јавно здравје.

Слични содржини