Првиот концерт на Александар Митевски и Драган Спасов – Дац закажан за 14 август во Охрид

од Stefanija Kuzmanovska

На 14.08.2020 година (петок), во Античкиот Театар во Охрид, со почеток од 22:00 часот, ќе се одржи првиот концерт на популарното дуо – Драган Спасов-Дац и Александар Митевски. Во рамки на музичката програма на концертот ќе бидат изведени популарните романтични нумери во комбинација со препознатливите евергрини со кои ова дуо ги освои симпатиите во земјата и пошироко. Концертот ќе се одржи целосно следејќи ги и имплементирајќи ги препораките и здравствените протоколи за организација на ваков тип настани.

Прв заеднички, официјален настап на Дац и Митевски е забележан во септември, 2019 година во рамки на фестивалот “Охридски трубадури“ со песната “Цреши охридски“, која освои второ место од публиката и прво од стручното жири. Следуваше настап на фестивалот “Макфест“ со “Уште ми фалиш“, во чии рамки ја освоија втората фестивалска награда. Во нивниот досегашен опус се вбројуваат хитовите “Љуби ме”, “Ангелина“ (преработка на популарната “Надалина”), “Хипноза на една љубов” и “Слика”, а срцата на публиката ги освоија со “Корона Чао”, најпопуларната преработка на познатата италијанска песна “Бела Чао“. Оваа нумера се стекна со регионална слава и според нивните фанови, внесуваше позитивна енергија во животите на луѓето во “карантинските“ денови. Во овој период, со почетокот на пандемијата на Ковид-19 вирусот, Митевски и Дац посветено ја забавуваа публиката со своите секојдневни “карантински“ изведби, во чии рамки испеаја преку 100 нумери во текот на 5 месечниот период. Неодамна, Дац и Митевски направија и свое компилациско CD издание со хитови, насловено како “Лек за душа”.

Концертот ќе биде организиран во согласност со здравствените препораки и одобрените протоколи за одржување на ваков тип настани во време на Ковид-19 во нашата земја, односно – задолжително носење лична заштита (маска, шал, марама); задолжително одржување физичка дистанца; задолжителна дезинфекција на раце при пристап на локацијата; задолжително мерење на температура при влез.

Воедно, согласно здравствените протоколи, влезниците за овој концерт се во ограничен број. Сите заинтересирани може да ги набават истите онлајн, преку продажната мрежа karti.com.mk или на некое од официјалните продажните места.

Слични содржини