Првото лице позитивно на Ковид-19 во Гевгелија: „Јас сум исплашена, не судете вирусот е невидлив и е насекаде“

од Берта Китинска

Лицето од Гевгелија кај кое вчера беше потврдено присуство на коронавирусот е ставено во домашен карантин, заедно со членовите од семејството со кои живее. Ова е прв случај регистриран во Гевгелија, а епидемилогот Сашо Олумчев, од подрачната единица на Центарот за јавно здравје во овој град, вели дека веднаш е постапено согласно алгоритмот пропишан од СЗО за дефиниција на случај.

-Во моментот се врши епидемиолошко истражување со цел изнаоѓање на сите лица кои биле во близок контакт со заразеното лице. Направена е епидемиолошка анкета на лицето и членовите на потесното семејство со цел лоцирање на изворот на заразата, напиша Олумчев на својот ФБ профил.

Олумчев информира дека ќе се тестираат членовите на најблиското семејство и дека ќе се трага по лицата кои оствариле близок контакт со заразеното лице заради анализа од можните ризици за ширење на инфекцијата и преземање мерки за пресечување на сите можни синџири на заразата.

Како што јавува струмичката телевизија Вис, девојката по име Марија се огласила во гевгелиската фејсбук-група „Лафум гивгилиски и не са замарум“ и таму појаснила дека пред една недела била до Скопје да земе потребни работи и остварила контакт само со едно лице.

Кога се вратила дома во Гевгелија, за два дена добила покачена температура и веднаш се пријавила во Центарот за јавно здравје и заедно со нејзиното семејство се самоизолирале. Денеска го добила одговорот дека е позитивна на ковид-19.

„Ги известивме сите лица со кои сме контактирале и јас и моето семејство и тие утре ќе се тестираат. Не судете, никого не сум заразила намерно, вирусот е невидлив и е насекаде. И јас сум исплашена, исто како и вие и ова што се случува во светот не го измислив јас“, вели Марија.

Слични содржини