Психолог за „Локално“: Желбата за инстант успех ги тера младите да прават невкусни шеги за пет минути слава

од Берта Китинска

Западните трендови, желбата за инстант успех и слава ги тера младите да се докажат и покажат дека можат да бидат интересни, не мислејќи дека јавната објава на социјалните мрежи може да предизвика осуда од општеството, вели за „Локално“, психологот Кристина Диздаревиќ.

Пред повеќе од месец, на социјалната мрежа „Тик-Ток“ се појави видео на кое се гледа како младо момче со запалка пали дрва и ги гледа како горат. По него следеа низа видеа каде можеше да се забележи дека младите се подготвени да направат  невкусни шеги за пет минути слава.

Според Диздаревиќ брзиот начин на живот и самите предизвици кои тој ги носи бара голема психичка и физичка сила.

-Човекот не може и не треба да опстојува сам и потребно е постојано е да има некој со него, околу него и до него. За човекот семејството претставува најважна група во однос на индивидуалниот психолошки развој. Тоа е место, во кое се доживува најдлабоката љубов, задоволства, како и омразата и најтешките разочарувања. Во однос на досега кажаното, сметам дека на младите им недостига внимание од најблиските и поради тоа, тие сакаат да привлечат внимание за да се почусвтвуваат прифатени од општеството.Исто така, тука играат улога, западните трендови, желбата за инстант успех и слава.

Таа вели дека социјалните мрежи нудат многу предности, но начинот на однесување се пресликува од комуникацијата која ја имаме со физичко присуство.

-Сметам дека, пандемијата игра голема улога, во животите на младите, но исто така и повозрасните. Самата ситуација допринесува да бидеме ограничени во движењето, да држиме социјална дистанца, но од друга страна сега имаме повеќе време за нас и нашите најблиски и дури сега почнуваме вистинските вредности на семејството.Кога комуницираме со младите мора да им се посочи убаво каде им се грешките.

МВР ги следи „Тик Ток“ објавите 

Лицата од видеата во кои беше забележано кршењето на законот покрај јавната осуда беа казнети и од страна на министерството за внатрешни работи.

Се снимаше додека пали нискостеблеста шума 

Малолетник од село Мојанци скопско беше приведен поради потпалување на нискостеблеста шума и трева на јавна површина.

-На 4 август 2020 на социјалната мрежа „Тик-Ток“ тој објавил видео и фотографии како предизвикува пожар, односно потпалува нискостеблеста шума и трева на јавна површина. Фотографиите и видеата биле споделени на повеќе социјални мрежи, по што Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика презеде мерки и активности и на 5 август 2020 до СВР Скопје-Единицата за насилен криминал доставена е документација со повеќе снимени видео клипови на кои се гледа дел од фигура на лице како врши потпалување на повеќе дрва и грмушки на јавна површина – планина, како и фотографии од лице со профил на социјална мрежа „Тик-Ток“, под псевдоним Д.К., се наведува во полицикото соопштение.

Незаконско помина на наплатна станица 

На 15 јануари оваа година на социјалната мрежа „Тик-ток”, се појави видео на кое се гледа како машко лице покажува некаква легитимација на наплатна станица и минува со возило со гостиварски регистарски таблички без да плати надоместок.

– Станува збор за М.З. (32) од тетовско Желино по целосно документирање на случајот ќе следи и соодветен поднесок. М.З. не е вработен во Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија, како што беше објавено во дел од медиумите, соопштија од МВР.

Кривична пријава за мајтапење  

Од МВР информираат дека лажното јавување и мајтапење е спротивно на Законот за прекршоците против јавниот ред и мир, поточно член 16.

Младо момче од Јурумлери лажно повикувало на помош и пријавувало настан.Момчето испрати и порака до сите млади како него, дека откако го прошетале низ Брзата помош и се запознал со нивната работа и телефоните кои постојано ѕвонат од луѓе на кои им е потребна помош, сфатил дека играњето со ваквите органи има сериозни последници.

„Тик-Ток“ мегапопуларна социјална мрежа 

„Тик-Ток“ е преземен повеќе од две милијарди пати на „Ајос“ и „Андроид“ од неговото глобално лансирање во 2017 година. Мрежата им овозможува на корисниците да создаваат видеа долги 15 секунди, со музика во заднина.

Компанијата се обидува да ја промени содржината

Со својот успех изграден врз видеата за забава генерирани од корисниците, потегот да се вклучат професионалци што создаваат содржини за учење означува значителна промена, бидејќи компанијата се обидува да ја промени содржината.

Генералниот директор на „Тик-Ток“ за Европа, Рич Ватерворт, вели дека платформата го забележала интересот на корисниците за едукативни видеа со повеќе од 7 милијарди прегледи на хаштагот #LearnOnTikTok.

– #LearnOnTikTok е поврзан со нашето инвестирање во партнери и креатори на професионални содржини. Сметаме дека „Тик-Ток“ има моќ да ги натера луѓето да учат: ефектите, аудиото, транзициите, алатките што ја прават оваа апликација толку забавна ќе ги натераат да уживаат и во учењето – изјави Ватерворт.

Б.М

Слични содржини