Психологот Манчевска за Светскиот извештај за среќа: Пласирањето одредени информации ги прави Македонците најнесреќен народ на Балканот

од Nikola Popovski

Граѓаните на Северна Македонија се најнесреќни во регионот, покажува најновиот Светски извештај за среќа за 2023 година, на Обединетите нации. Земјава е на 87-то место меѓу 137 земји, односно на последно место на Балканот и меѓу најнесреќните земји во Европа. За споредба со другите земји, Словенија е најсреќна и се наоѓа на 22 место, додека Албанија е на 83 место во светскиот извештај за среќа. Од европските држави само Грузија (90 место), Украина (92) и Турција (106) се пониско рангирани од нас.

Дел од стручните лица сметаат дека во доживувањето на среќата влијаат повеќе фактори. Психологот и гешталт психотерапевт Радмила Манчевска во разговор за „Локално“ вели дека еден од нив е создавањето одредена клима во државата и општеството, во насока на тоа како пристапуваме кон одредени работи.

-Во голем степен големо влијание има пласирањето одредени информации кои што се нудат на одредени медиуми. Понатаму материјалниот статус, економската моќ на граѓаните, вреднувањето на работите – што е тоа што ние вреднуваме и не прави среќни или несреќни… На некој начин создавање на општа клима во која на прв план е материјалната состојба, а понатаму се и одредени работи поврзани со функционирањето на нашите институции, системот како функционира. Тоа се мултифакторски влијанија кои што на некој начин ја создаваат онаа општа клима на доживување колку сме среќни или колку сме несреќни, посочува Манчевска.

Информира дека Македонците релативно просечно се грижат за менталното здравје, но не многу добро.

-Во секој случај има подобрување во последната декада од животот. Сметам дека се повеќе има освестување кај голем дел од граѓаните да работат на своето ментално здравје, но исто така сметам дека тоа не е доволно, вели Манчевска и додава:

-Се уште немаме здрав пристап во насока на создавање на здрави животни навики. Големо влијание играат и одредени информации кои што се пласирани на самите медиуми, без разлика дали станува за електронски, медиум или било што. Потребен е создавање на пристап за градење на здрав ментален живот.

За тоа дали како социјални битија можеме да се изолираме од средината и вредностите кои владеат и дали тие се пресудни за ваквата состојба на Македонците, психологот истакна дека средината во голем степен влијае во доживувањето на себеси каде сме ние и нашата среќа.

-Ние сме социјални битија и во никој случај не можеме да се изолираме. Ги прифаќаме вредностите кои се наметнуваат од страна на средината. Стихијно премолчуваме преку некои работи и со тоа буквално создаваме во одредени ситуации да не се чувствуваме доволно среќни и задоволни од тоа што се случува околу нас и се случува во рамките на нашите меѓучовечки релации и општо животот, анализира Манчевска.

Н.П.

Слични содржини