Психолози за Локално: Не започнувајте разговор за вакцинација доколку не сте ,,опремeни“ со точни информации

од Берта Китинска

Изминатава година, живееме во период на пандемија проследен со континуиран стрес, страв, неизвесност од тоа што следно може да се случи, како и физичка и социјална изолација. Покрај страв од заразата голем дел од граѓаните се плашат и од вакцините против Ковид 19. Лицата кои се двоумат за тоа дали да се вакцинираат или не, честопати одлучуваат да побараат совет и од психолог.

Во разговор за „Локално“ психолозите објаснуваат дека потребно е да се направи план односно стратегија и да се слушне ставот „ЗА“ или „Против“ на клиентот кој се двоуми дали да прими вакцина.

-Треба да се остави простор и да се даде можност клиентот да го образложи својот став и како дошол до одлуката да се вакцинира или не. Најчесто препорачувам на хартија да се стават ,,ЗА“ и ,,ПРОТИВ“, аргументи за одредена одлука која треба да ја донесеме, па така и за ова. На едната страна да се постави хипотетички- примање на вакцина и кои би биле негативните и позитивните ефекти, а на другата страна да се постави повторно хипотетички- непримањето на вакцината и кои би биле позитивните и негативните ефекти. На која страна ќе натежне ,,тегот,“ тоа ќе биде и нашата одлука. Од особено значење во едно вакво тешко време е да се воздржиме од осуда за веќе донесена одлука и ставот по ова прашање, објаснува м-р. Моника Филиповска,која работи како семеен и системски советник .

Според психологот Ивана Велевска во оваа ситуација лицата кои немаат се уште став не треба да се наведуваат или охрабруваат за тоа каква одлука треба да донесат.

-Ние можеме само да ги насочиме кон поголема информираност, едукација како и да размислат околу последиците кои би следеле доколку примаат вакцина или не. Сепак секое лице треба да поседува лична одговорност, а ние психолозите како професионални лица не би требало да заземеме страна и во никој случај да не ги изнесеме нашите лични ставови пред клиентите. Доволно е да ги насочиме кон размислување околу негативните и позитивните последици ако ја примат вакцината и обратно, ако не ја примаат, вели таа.

Моника Филиповска

Разговорот за вакцинација може да биде тежок

-Секогаш разговорите околу било која тема со соговорници кои имаат различен став знаат да се напнати, тешки и неретко се случува таквата ситуација да ескалира и да дојде до вистински конфликт, кој ги нарушува семејните и пријателските односи. Таков случај се и разговорите околу тоа дали треба или не треба да се прими вакцината против Ковид 19. Напнатоста може да се смири единствено доколку се почитува мислењето на соговорникот, а и истото да не се осудува, вели Велевска.

Таа напоменува дека доколку соговорниците имаат научено да не го наметнуваат своето мислење на другите тогаш разговорот може да протече смирено и без тензии. Но, доколку постои било каков обид за наметнување на ставови и осудување на одлука на соговорникот, неизбежно е да се избегне конфликто.

Филиповска вели дека разговорите околу вакцинацијата може да траат до недоглед бидејќи постојано помеѓу соговорниците ќе се јавуваат нови аргументи.

Како што вели семејниот советник новонастанатата состојба уште повеќе ја разгорува и фактот што секојдневно имаме ,,лавина“, од информации за кои не може со сигурност да се расуди дали се вистинити или не.

-Од големо значење е избегнувањето на конфликти, односно избенување да се западне во замка или искушение да се влезе во расправија по ова прашање, а секако тоа ќе се постигне доколку ги контролираме нашите чувства. Дополнително, новонастанатата состојба ја разгорува и фактот што секојдневно сме соочени со ,,лавина,“ од информации за кои не можеме со сигурност да рассудиме дали се вистинити или не. Затоа, кога и да се започне разговор на тема вакцинација, а истиот да заврши без конфликт, треба да се ,,опремиме“, со точни и проверени информации, со што ќе се избегне напнатоста во разговорот дури и со лица кои имаат различен став од нашиот, по однос на прашањето за вакцинација против Ковид 19, вели Филиповска.

Мислата за животот кој го имавме, да биде мотив за вакцинација

На прашањето како психолозите пристапувате доколку некој во семјството сака да го разубеди својот ближен дека треба да прими вакцина со цел да се заштити, Велевска вели дека во тие моменти пожелно е да го потсетиме лицето на животот кој предходно го имавме и да не го притискаме со своите ставови.

-Доволно е да се потсетиме на животот кој го имавме пред околу една година, излегувањето и дружењата со семејството и пријателите како и отсуството на страв и неизвесност кои денес се се повеќе присутни во нашите животи односно да се набројат позитивните страни од примање на вакцината. Но, исто така да дадеме информација дека лица со одредени болести се спречени да се вакцинираат или пак лица кои го прележале вирусот. Најважно од се, е да не ги изнесуваме нашите лични ставови, а доколку и понатаму постои тензија во семејните односи најдобро би било да се остават членовите да размислат и повеке да се информираат , а разговорот да се одложи за некоја следна прилика кога и самите ке бидат подготвени, објаснува психологот.

Според Филиповска клучот за успешен разговор со својот ближен на оваа тема е фокусот на презентирање на факти и разговор кој ќе има позитивната конотација.

-Во таква ситуација, најнапред се обидуваме да се фокусираме на позитивните ефекти кои би ги имале доколку се прими вакцината, со ставање на акцент на се она што можевме да го правиме се до почетокот на пандемијата, како на пример семејни дружења, слободни прошетки, одењето во театар или кино, посета на музеи и слично. Се користи позитивна конотација која може да се извлече од состојбата во која живееме со вметнување на размислување за тоа дека не на секој кој

сака да се вакцинира му е тоа достапно. Во насока на тоа, постојат луѓе кои се алергични или боледуваат од некоја болест, па заради тоа се спречени да бидат вакцинирани. Кога сите ресурси ќе бидат исцрпени и ако сеуште постои тензија помеѓу членовите на семејството, во тој случај најдобро би било, да се прекине, објаснува таа.

Ивана Велевска

Ситуацијата да се прифати таква каква што е и да не се негира

-Да се остане смирен во вакви бурни времиња и да не дозволиме целата ситуација да не направи анксиозни, е навистина од корист за психичкото здравје. Во време кога не е препорачливо групирање и излегување во кафеани и ресторани, добро е да се посвети време и внимание на нашето физичко здравје како што е возење велосипед, трчање и сл. Исто така добро е да се насочиме кон нешта кои не сме успеале ги завршиме поради брзиот начин на живот, па еве сега со воведување на полициските часови, би имале време за себереализација од било која област. Читањето исто така многу помага за менталното здравје да остане на завидно ниво, а исто така и времето кое го поминуваме со семејството и најблиските, вели Велевска, која порачува граѓаните да бидат отворени, комуникативни и спремни да побараат психолошка помош и поддршка доколку сметаат дека им е потребна.

-Затварањето во себе и поттиснувањето на емоциите и чувствата може многу негативно да се одрази врз менталното здравје. Почитувањето на туѓите мислења и ставови исто така е од големо значење за менталното здравје, затоа што на тој начин се избегнуваат голем број на конфликти и дебати со наши блиски познаници, напоменува таа.

Според Филиповска во овој период доста значајно е да се грижиме за нашето ментално здравје и благосостојба .
-Сметам дека најважно од се е да останеме смирени и сталожени, да се користат квалитетни и проверени информации и истите да се споделуваат, но без осудување на личноста која има спротивен став од вашиот.Да зборуваме за тоа како се чувствуваме, ако сме тажни, збунети, загрижени и слично, да не се потиска тоа во себе, туку да се дискутира за тоа со најблиските или пак со стручно лице. Да направиме една рутина, односно да се воведе ред во дневните активности, во кои ќе биде вклучена и физичка активност, пешачење, возење велосипед, џогинг, а секако и да се направи рутина на спиење, односно обидете се да спиете најмалку 6 часа во текот на ноќта. Сонот и одморот се од исклучително значење во овој период. И секако, доколку почувствувате потреба побарајте помош од семејството, пријателите или пак од стручно лице, вели таа.

Б.М.

Слични содржини