ПСЖ сака порано да го отпушти Почетино, подготвена е и замената

од Vladimir Zorba

Иако викендов математички ја обезбеди титулата, ПСЖ наскоро би требало да му врачи отказ на тренерот Маурицио Почетино.

Од старт е јасно дека работите меѓу тренерот и ПСЖ не „кликнаа“ и дека ниту клубот не е задоволен од него, но дека не е претерано среќен ниту во Париз.

Оттука, не е чудно што „Ле Паризиен“ е информиран дека Почетино би можел да го напушти клубот многу порано од очекуваното.

Тој има договор до јуни 2023 година, но речиси сигурно е дека нема да ја дочека следната сезона на „Паркот на принцовите“ бидејќи се очекува многу брзо да добие отказ.

ПСЖ убедливо ја освои титулата, но амбициите на сопствениците на клубот се многу поголеми од освојувањето на „Фармерската лига“, како што некои ја нарекуваат погрдно.

Целта е Лигата на шампионите, особено по сериозните засилувања во текот на летото (Лионел Меси, Серхио Рамос, Џанлуиџи Донарума, Ашраф Хакими, Џорџино Вајналдум), и веќе постоечкиот кадар полн со ѕвезди. Но, токму тука Почетино беше исфрлен од Реал Мадрид во осминафиналето, по неверојатната партија на Бензема.

Според медиумите од Париз, Почетино не е најсреќен во Париз и не му пречи да ја заврши мисијата порано, со тоа што ПСЖ ќе треба да му плати 15 милиони евра доколку добие отказ.

Како негов наследник на клупата се споменува Антонио Конте. Сепак, парижаните имаат желба да го ангажираат Зинедин Зидан, но тој наводно имал за цел да биде селектор на Франција по Дидие Дешам, па Конте сепак е пореална опција.

Слични содржини