Пуч и вонредна состојба: САД и Австралија апелираа итно да се пуштат официјалните лица во Мјанмар

Соединетите Американски Држави (САД) денес апелираа до армијата на Мјанмар да ги ослободи уапсените службеници и шефот на цивилната влада, Аунг Сан Су Чи.

„Соединетите држави се спротивставуваат на секој обид за промена на резултатите од неодамнешните избори или попречување на демократската транзиција во Мјанмар и ќе постапат против одговорните доколку тие мерки не бидат напуштени“, рече портпаролот на Белата куќа, Џен Псаки.

Како што изјави таа, Соединетите држави ја повикуваат армијата на Мјанмар да се придржува до демократските стандарди, да го почитува владеењето на правото и да ги ослободи уапсените.

Австралија денеска ги повика воените власти во Јангон да ги ослободат уапсените.

„Ја повикуваме војската да го почитува владеењето на правото, да ги решава споровите преку правни механизми и веднаш да ги ослободи сите цивилни лидери и другите незаконски притворени“, рече австралиската министерка за надворешни работи Мариса Пејн

Армијата на Мјанмар изврши државен удар, го уапси шефот на цивилната влада Аунг Сан Су Чи, назначи генерал за привремен претседател и прогласи вонредна состојба за една година.

Слични содржини