Пукање во Ерусалим, најмалку 8 ранети меѓу кои и една трудница

од Vladimir Zorba

Најмалку осум лица се ранети откако вооружен маж отвори оган во автобус во близина на Западниот ѕид во Стариот град во Ерусалим, соопштија израелските власти.

Осомничениот пукал во автобусот додека верниците се враќале од молитва на светото место.

Две лица, меѓу кои и една трудница, се во критична состојба.

Трудницата, за која се вели дека има околу 30 години, била застрелана во стомакот, а лекарите веднаш ја оперирале и со царски рез го извадиле бебето.

Бебето е во сериозна, но стабилна состојба, се вели во соопштението.

Во критична состојба е и маж со прострелни рани во главата и вратот.

„Џерусалим пост“ пишува дека напаѓачот се предал по повеќечасовната потрага на полицијата по него.

Западниот ѕид е едно од најсветите места во јудаизмот.

Секоја година илјадници одат таму да се молат.

Возачот Данијел Каниевски за локалните медиуми изјави дека неговиот автобус бил полн во моментот на пукањето.

„Ја спуштив рампата за да влезе човек во инвалидска количка, а потоа почна пукањето.

„Сите паѓаа и врескаа. Се обидов да избегам, но не можев да го стартувам автобусот додека рампата на вратата беше спуштена“, рече тој.

Медиумите наведуваат дека четворицата повредени се членови на исто семејство кои дошле во Израел од Њујорк.

Напаѓачот наводно е палестинец жител на Источен Ерусалим.

Израелскиот премиер Жаир Лапид рече дека секој вклучен во нападот „ќе ја плати цената за нападот врз нашите цивили“.

Нападот се случи една недела откако 47 лица беа убиени во Појасот Газа во текот на три дена додека израелските сили ги гаѓаа водачите на радикалниот палестински исламски џихад (PIJ), а екстремистите истрелаа повеќе од 1.000 ракети врз Израел.

Екстремистичката група соопшти дека изгубила 12 борци.

Министерството за здравство во Газа објави дека останатите загинати се цивили, меѓу кои најмалку 17 деца.

Неколку Израелци се здобија со полесни повреди од ракетите, од кои повеќето беа пресретнати од одбранбениот систем „Железна купола“.

Слични содржини