Путин доби забрана да присуствува на Олимпијадата во следните две години

од Nikola Popovski

Спортскиот арбитражен суд му забрани на рускиот претседател Владимир Путин да присуствува на Олимписките и Параолимписките игри, како и на Светските првенства за две години, се вели во соопштението на судот.

Забраната на судот се однесува на „претставниците на руската влада“. Како што е наведено во посебниот параграф на одлуката, претставниците на владата се „заменици министри, министри, вицепремиери, премиерот и претседателот на Руската Федерација“.

Спортскиот арбитражен суд во четвртокот застана на страната на Светската антидопинг агенција (ВАДА) во спорот со Руската антидопинг агенција (РУСАДА). Руските спортисти нема да можат да се натпреваруваат на големи меѓународни натпревари под руско знаме до 16 декември 2022 година. Покрај тоа, РУСАДА е должна да ѝ плати на агенцијата ВАДА износ од 1,27 милиони долари како надомест за трошоците што ВАДА ги имала од јануари 2019 година до датумот на одлуката.

Се напоменува дека претставниците на Владата на Русија нема да можат да добијат акредитација, како и да присуствуваат на светските првенства во разни спортови. Ограничувањата не се однесуваат на службени лица кои се членови на Меѓународниот олимписки комитет или добиле покана за натпреварување од шефот на државата на чија територија се одржува настанот. Исто така, ограничувањата не се однесуваат на службени лица кои се спортисти и кои пристигнаа на натпреварот како учесници.

Слични содржини