Путин и Лукашенко се сретнаа во Сочи: Најавен развој на белоруски лек базиран на руски технологии

од Stefanija Kuzmanovska

Во Сочи се одржа состанок меѓу рускиот претседател Владимир Путин и белорускиот лидер Александар Лукашенко.

Путин истакна дека соработка се бара на различни нивоа. Истакна дека Русија останува најголем трговски партнер на соседната република.

„Задоволство ми е да констатирам дека се потврдува нивото на интеракција, стратешкото партнерство, сојузот, а Русија останува најголем трговски и економски партнер на Белорусија – околу 50 проценти, ние сме најголем инвеститор“, рече Путин.

Лидерот на Русија додаде дека вкупните инвестиции во белоруската економија се проценуваат на повеќе од 4 милијарди долари.

Лукашенко забележа дека финансиската помош што ја дава Москва на Минск е навремена и важна.

„Треба да знаете дека не ги потрошивме залудно парите, инвестираме во производство, купуваме огромна количина суровини и компоненти од Русија, а овој обем постојано расте. Ако ги спроведеме проектите што ги одобривме, тогаш увозот од Руската Федерација значително ќе се зголеми“, очекува белорускиот лидер.

Претседателите разговараа и за вакцините против коронавирусот. Лукашенко најави развој на белоруски лек базиран на руски технологии.

„Најефективната вакцина е руската. Таа е препознаена низ целиот свет, без оглед што некој ја исмејуваше. Ова е најефективната вакцина“, додаде тој.

Истакна дека без поддршка од Русија, на државите ќе им биде тешко да организираат вакцинација. Путин потсети дека новите пратки на „Спутник V“ ќе бидат доставени во Белорусија во февруари и март.

Слични содржини