Путин и Лукашенко тврдат дека се „посилни од кога било“

од Nikola Popovski

Денешната средба меѓу претседателот на Белорусија Александар Лукашенко и неговиот руски колега Владимир Путин беше можност, се оценува, да ѝ се покаже на јавноста дека нивниот сојуз никогаш не бил посилен.

На наводите дека меѓу нив има тензии, Лукашенко подготви шега, пред да потпише неколку договори за поблиска интеграција на двете земји, велејќи дека некои во Русија се прашувале „дали ќе потпишеме или не“.

За време на видео средбата со Лукашенко, која беше емитувана на телевизија, Путин ги поздрави билатералните врски меѓу двете земји и вети дека Москва ќе продолжи да го поддржува Лукашенко.

„Заедно ќе се спротивставиме на секој обид за мешање во внатрешните работи на нашите суверени држави, а Русија секако ќе продолжи да му помага на братскиот белоруски народ – нема сомнеж во тоа“, рече Путин од кримскиот град Севастопол. каде што се прославува државен празник.

Во септември Путин и Лукашенко се договорија за серија од 28 програми насочени кон продлабочување на интеграцијата во рамките на деценискиот план – Унија на држави меѓу Русија и Белорусија.

Договорите потпишани во четвртокот главно се однесуваат на економските и регулаторните прашања, вклучително и заедничката политика на оданочување, банкарство, индустрија, земјоделство и енергија.

Не се зборуваше за посложени прашања околу политичката интеграција, како што се долгогодишните планови за единствен парламент или монетарна валута.

Путин стана главен политички поддржувач на Лукашенко бидејќи долгогодишниот белоруски лидер се соочува со меѓународен притисок по бруталната пресметка со опозицијата.

Белоруските власти уапсија и приведоа илјадници луѓе откако избија антивладини протести без преседан кога Лукашенко прогласи победа на изборите во август 2020 година, за кои опозицијата тврди дека биле наместени.

Во четвртокот, Лукашенко му се заблагодари на Путин за неговата поддршка, велејќи: „Невидениот надворешен притисок стана сериозен тест на силата за односите меѓу нашите земји. Можеме со сигурност да кажеме дека го поминавме тој тест“.

Путин му рекол на Лукашенко дека треба да се направи повеќе за да се создаде единствен простор за миграција и дека изгледа незадоволен од управувањето со границите на Белорусија.

„Задачата за создавање атмосфера на стабилност и безбедност на нашите надворешни граници е од посебно значење“, рече Путин.

Илјадници мигранти, главно од Африка и Блискиот Исток преминале или се обиделе да преминат од Белорусија во источноевропските земји Летонија, Литванија и Полска во последните месеци.

ЕУ го обвинува Лукашенко дека ги охрабрува мигрантите да дојдат во Белорусија и намерно ги испраќа како одмазда за санкциите на ЕУ.

Слични содржини