Путин му честиташе на Шолц, се заблагодари на Меркел за соработката

од Vladimir Zorba

Рускиот претседател Владимир Путин испрати телеграма со честитки до Олаф Шолц по повод инаугурацијата за германски канцелар, соопшти прес-службата на Кремљ.

„Односите меѓу Русија и Германија традиционално се од големо значење не само за народите на нашите земји, туку и за цела Европа. Се надевам дека ќе воспоставам конструктивен дијалог со вас и ќе работиме заедно на актуелните билатерални и меѓународни прашања. Тоа несомнено би одговарало на фундаменталните интереси на Русите и Германците и ќе придонесе за консолидација на стабилноста и безбедноста на регионално и глобално ниво“, се вели во честитката.

Путин испрати телеграма и до поранешната германска канцеларка Ангела Меркел. Според прес-службата, тој во својата телеграма и се обратил на „ти“ и ја уверил во продолжување на пријателската комуникација.

Во пораката до Меркел, рускиот лидер изразил „искрена благодарност за плодната соработка и подготвеност за дијалог со взаемно почитување“.

„Бевме во постојан контакт и се обидувавме да најдеме начини за излез од најтешките ситуации. За време на годините на чело на германската влада, со право стекнавте висок авторитет во Европа и во светот. Сигурен сум дека вашето богато искуство како државник и политичар секогаш ќе биде барано. И, се разбира, ќе продолжиме со нашата пријателска комуникација“, нагласи рускиот претседател.

Шолц на функцијата нов германски канцелар беше именуван од претседателот на Германија, Франк-Валтер Штајнмаер, а претходно за нов премиер беше избран на седницата на германскиот Бундестаг, каде доби апсолутно мнозинство гласови.

Слични содржини