Путин му се закани на Западот, ниту збор за Навални

од Stefanija Kuzmanovska

Рускиот претседател Владимир Путин и се обрати на нацијата, пред пратениците на Државната дума и Советот на Федерацијата и му се закани на Западот најдиректно како никогаш порано. Путин предупреди дека организаторите на било какви провокации против Русија, ќе зажалат како никогаш порано.

Говорејќи за сè понапнатата состојба во односите со Западот, тој посочи дека сите веќе се навикнати на практиката на воведување санкции, но дека сега ситуацијата е надвор од контрола, а тоа се организирани политички атентати.

„Можеме да мислиме што сакаме за Јанукович и Мадуро или Лукашенко, но практиката на организирање државни удари и политички убиства е нешто што е премногу, тие ги преминаа сите граници“, рече Путин.

Путин предупреди дека Западот не размислува за Белорусија и Украина кога таму се случија политички преврати, но дека секогаш постои навика да се „фаќаат за Русија“ во секоја прилика.

„Ние сакаме добри односи, нема да рушиме мостови. Но, ако некој ги толкува нашите добри намери како незаинтересираност или слабост и сака да разнесува мостови, тогаш треба да знае дека одговорот на Русија ќе биде асиметричен, брз и жесток“, предупреди рускиот претседател.

Путин и се обрати на нацијата во време кога односите меѓу Америка, Европа и Русија се затегнати поради Украина, каде Москва ја распоредува својата армија и здравствената состојба на опозицискиот лидер Алексеј Навални.

На годишната конференција, Путин не го спомена Навални, кој е во затвор и штрајкува со глад веќе три недели.

Денес полицијата го уапси Љубов Собољ, близок соработник на Навални, пред протестите што беа организирани во неколку руски градови.

„Успеавме да се сретнеме со него по неколкучасовно чекање, дозволено ни е да го посетиме Алексеј. Тој продолжува со штрајкот со глад и бара да му биде дозволено да биде прегледан“, рече неговата адвокатка Олга Михаилова.

Портпаролката на Навални, Кира Јармиш исто така беше уапсена пред нејзината зграда. Вчера и денес беа извршени претреси во најмалку 20 градови, вклучително и Санкт Петербург.

Слични содржини