Путин не се шегува: Драстични казни за кршење на карантинот и ширење на дезинформации

од Nikola Popovski

Рускиот претседател Владимир Путин потпиша закон за воведување на казни за кршење на карантинот и ширење на лажни информации.

Законот предвидува административна одговорност за повреда на санитарните правила за време на вонредна состојба или кога постои ризик од ширење на опасна болест.

Казните за граѓаните ќе се движат од 15.000 до 40.000 рубљи, за службени лица и индивидуални претприемачи – од 50.000 до 150.000 рубљи, а за правни лица – од 200.000 до 500.000 рубљи.

Како алтернативна казна за организациите и индивидуалните претприемачи, можна е административна суспензија на активности и работа до 90 дена.

Покрај тоа, доколку со овие прекршоци се предизвикала штета по здравјето на луѓето или предизвикале нечија смрт, но не содржат знаци на кривично дело – се предвидува казна од 150.000 до 300.000 рубљи за граѓаните и 300.000 до 500.000 рубљи за службени лица, за лица претприемачи и правни лица – од 500.000 до 1 милион рубли или суспендирање на активности и работа до 90 дена.

Директорката на руската Федерална служба за санитарен надзор, Ана Попова, рече дека неработната недела, која започна во понеделникот, ќе ја намали стапката на ширење на коронавирусoт, но дека периодот на инкубација ќе трае 14 дена. Затоа, таа предложи да се продолжи неработната недела.

– Ова е многу важна одлука што овозможува да се намали стапката и ширењето на вирусот, кој, се разбира, е присутен во моментов и ќе биде присутен некое време – изјави директорката.

Попова рече дека вирусот сè уште се шири и дека популацијата на Русија е многу голема, поради што укинувањето на рестриктивните мерки би се заканило на натамошното зголемување на бројот на пациенти.

„Две недели, се разбира, не се доволни. Деновиве, би требало да продолжи таа мерка“, рече Попова.

Во Русија, вкупниот број на луѓе погодени од коронавирус е 2.777 (од кои 1880 се во Москва), 24 лица починале, а 190 се излечиле.

Слични содржини