Путин по средбата со Ердоган: Напредок во преговорите за извоз на жито од Украина

од Nikola Popovski

Рускиот претседател Владимир Путин денеска во Техеран изјави дека е постигнат напредок во преговорите за извоз на жито од Украина преку Црното Море и му се заблагодари на турскиот колега Реџеп Таип Ердоган за „посредувањето“ во ова прашање.

„Би сакал да ви се заблагодарам за вашите напори за посредување, што ја понудивте Турција како основа за преговори за прашањата за производство на храна и извоз на жито преку Црното Море“, рече Путин на средбата со Ердоган во Техеран.

Путин и Ердоган пристигнаа во Техеран на разговори со иранскиот претседател Ебрахим Раиси за конфликтот во Сирија и војната во Украина.

Претседателите на Русија и Турција разговарале за механизмите кои ќе овозможат извоз на жито од Украина, а тој извоз е блокиран од руската воена офанзива и поради тоа постои опасност од светска криза со храна.

Разговорите со Москва, Киев, Анкара и ОН треба да се одржат во Турција во наредните денови, по напредокот постигнат на разговорите одржани на 13 јули.

Руското Министерство за одбрана во петокот објави дека наскоро ќе биде подготвен „конечниот документ“ кој ќе дозволи извоз на жито од Украина.

Договорот, за кој се преговара под покровителство на ОН, има за цел да донесе околу 20 милиони тони жито блокирано во украинските силоси поради офанзивата предводена од Русија во Украина преку Црното Море.

Турскиот министер за одбрана Хулуси Акар неодамна потврди дека е постигнат „начелен договор“ со Украина и Русија за воспоставување безбеден поморски коридор што ќе овозможи транспорт на жито.

Руските власти изјавија дека во Истанбул треба да се отвори координативен центар кој ќе овозможи извоз преку Црното Море.

Фото: ТАСС

Слични содржини