Путин: Русија е отворена за политичко и дипломатско решение на украинската криза

од Stefanija Kuzmanovska

Русија е отворена за политичко и дипломатско решение на украинската криза. Не е Русија таа која ги прекина мировните преговори за април 2022 година. Русија е спремна да пронајде „политичко и дипломатско решение“ за прашањето на Украина и го цени „добро избалансираниот“ став на Кина за тоа прашање, изјави рускиот претседател Владимир Путин.

„Москва ја поздравува подготвеностана Пекинг значително да придонесе во решавањето на кризата“, рече Путин во текстот што кинескиот весник People’s Daily го објави в недела, во пресрет на посетата на претседателот Си Џинпинг во Москва.

Смета дека иднината на мировниот процес зависи исклучиво од волјата за вклучување во смислена дискусија земајќи ја во предвид моменталната геополитичка реалност.

„Очигледно е дека постојат сили кои упорно работат на поделба на заедничкиот евроазиски простор во мрежа од „ексклузивни клубови“ и воени блокови кои би служеле да го кочат развојот на нашите земји и да им наштетат на нивните интереси. Тоа нема да успее“, истакна Путин.

Порача дека Русија и Кина „се посветени на принципот на неделивост на безбедноста, кој НАТО блокот грубо го крши“.

„Ние сме длабоко загрижени поради неодговорните и целосно опасни дејствија кои ја загрозуваат нуклеарната безбедност. Ги отфрламе нелегитимните еднострани санкции, кои мора да бидат укинати“, рече Путин.

Тој предупреди дека политиката на Вашингтон за „истовремено одвраќање на Русија и Кина, како и на сите оние кои не се потчинуваат на американскиот диктат, станува се пожестока и поагресивна“.

„Русија е означена како непосредна закана, а Кина како стратешки конкурент“, рече Путин.

Што се однесува до односите меѓу Москва и Пекинг, рускиот претседател рече дека посетата на Си ќе даде „нов силен поттик за нивната билатерална соработка“.

„Односите меѓу Русија и Кина го достигнаа највисокото ниво во нивната историја и стануваат уште посилни. Нивниот квалитет ги надминува воено-политичките сојузи од ерата на Студената војна, без никакви ограничувања и табуа“, рече Путин.

Слични содржини