„Путин сака да предизвика глад на Блискиот Исток и Африка“

од Nikola Popovski

Рускиот претседател Владимир Путин намерно се обидува да предизвика глад на Блискиот Исток и Африка, изјави поранешниот германски амбасадор во Русија Рудигер фон Фрич, објави во неделата германската новинска агенција „ДПА“.

Целта на Кремљ е да ја дестабилизира Европа со масовен прилив на бегалци, изјави Рудигер фон Фрич за неделното издание на германскиот весник „Тагесшпигел“.

„Идејата на Путин е дека по колапсот на извозот на жито од Украина, гладните луѓе ќе ги напуштат своите домови и ќе се упатат кон Европа како милиони Сиријци кои бегаат од ужасите на војната“, вели Фон Фрич.

„Поради тоа Русија го блокира извозот на жито од Украина и ги гранатира своите складишта за жито“, додаде Фон Фрич.

„Со новиот прилив на бегалци (Русија), таа сака да ја дестабилизира Европа и да го зголеми политичкиот притисок за западните земји да се откажат од својот цврст став кон Русија“, објаснува дипломатот.

„Станува збор за „новата хибридна војна“ на Путин“, додава тој.

Русија ја спречува Украина да извезе 20 милиони тони жито, главно од пристанишниот град Одеса во Северна Африка и Азија, според германската влада.

Слични содржини