Работната средба Заев – Гаши: Ако успееме да изградиме нов концепт, Алтернатива е подготвена да помогне

од Берта Китинска

Премиерот Зоран Заев и претседателот на Алтернатива Африм Гаши попладнево пристигнаа во Клубот на пратениците на разговори за вклучување на партијата во Владата и парламентарното мнозинство.

-Ќе видиме дали премиерот и неговите партнери, каков е нивниот концепт и што очекуваат како наш придонес во идната влада. Ако успееме да изградиме нов концепт, поголеми промени, мислам дека Алтернатива е подготвена да помогне, рече лидерот на Алтернатива пред состанокот со премиерот Зоран Заев.

За тоа, дали Димитар Ковачевски е прифатливо име за премиер на државата, Гаши кажа дека тоа е долука на СДСМ.

-Не е одговорно ние да бараме од друга партија кој ќе биде мандатар или премиер. Тоа е работа на СДСМ и тие треба да одлучат за тоа, вели Гаши.

Прашан дали ќе го бараат Министерството за здравство како ресор, тој кажа дека нема да се разговара за тоа на средбата со премиерот Зоран Заев туку само за концептот.

Ова е втора средба на Заев и Гаши, откако на 19-ти месецов тие разговараа за условите и улогата на Алтерантива во новото парламентарно мнозинство, а конечната одлука беше оставено да ја донесат партиските органи.

Слични содржини