Работни средби на Османи во Вилнус

од Nikola Popovski

Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, во рамки на посетата на Вилнус (09 ноември), покрај средбата со неговиот домаќин, министерот за надворешни работи Република Литванија, Габриелиус Ландсбергис, оствари средба и со Спикерот на Литванскиот парламент, Викторија Чмилите -Нилсен.

На средбата со првиот човек на парламентот, двајцата соговорници ги поздравија активностите на Групите за меѓусебна соработка во парламентите на Северна Македонија и Литванија, кои несомнено ја збогатуваат билатералната рамка. За време на минатогодишната посета на литванската Интер-парламентарна група за соработка со земјите од Западен Балкан на Северна Македонија беше потврден заемниот интерес за поблиска соработка, имајќи во вид дека парламентарната соработка е значајна алатка за јакнење на демократијата и еден од столбовите на севкупните односи на двете држави. Беа разменети мислења за актуелните состојби во Западниот Балкан, евроинтегративниот процес на Северна Македонија, како и за предизвиците кои произлегуваат од војната во Украина, и улогата на нашите две земји како членки на Алијансата.

Министерот Османи го посети и НАТО кооперативниот центар за енергетска безбедност и оствари работна средба со тамошното раководство, при што тема на разговор беше енергетската криза, можната соработка со овој Центар, користење на експертиза во адресирање на предизвиците поврзани со снабдување со енергенси како и диверзификација на изворите за идно снабдување со енергенси во нашата земја. Соговорниците констатираа дека енергетските ресурси се злоупотребуваат од страна на одредени актери, при што е неопходно заедничко и солидарно делување во рамки на Алијансата.

Во рамки на билатералната посета, министерот Бујар Османи ќе учествува и на Форумот на високо ниво за иднината на демократијата, кој се одржува по втор пат во Вилнус, а е подготовка на идниот Самит за демократија кој го организира претседателот на САД, Џо Бајден, што ќе се одржи на пролет 2023 година.

Слични содржини