Работните групи на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ денеска ќе разговараат за Законот за обвнителство

од Aleksandar Todeski

Работните групи на владејачката СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска треба да ги почнат усогласувањата на ставовите поврзани со Законот за Јавно обвинителство.

Фото: Борче Поповски

По неколкумесечен молк, по ставот на еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји дека овој Закон е битен за земјата и нејзините европски аспирации, министерката за правда, Рената Дескоска испрати предлог-закон до опозицијата, од каде останаа без став и кажаа дека своите размислувања за новиот предлог ќе ги кажат оваа недела.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев рече дека ако треба ќе се сретне и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, но откако би дошло до усогласување на ставовите на работните групи. На истиот став е и Мицкоски, кој кажа дека доколку нема доближување на ставовите, нема ниту потреба од лидерска средба.

Законот за Јавно обвинителство освен заокружување на правосудните реформи, ќе значи и решавање на проблемот кој го имаат вработените во Специјалното јавно обвинителство, кои откако останаа без официјален потписник во институцијата, се соочуваат со низа проблеми.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Аниотнио Милошоски, кој е дел од работната група на ВМРО-ДПМНЕ рече дека за нив е неприфатлив делот каде обвинителите кои беа во СЈО треба да преминат во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, но сепак не даде целосен одговор дали ќе го прифатат предлог-законот.

Од владејачката СДСМ пак, велат дека ова е добро законско решение, а опозицијата не сака да го гласа бидејќи за нив е побитно да се зажтити криминалот, отколку да се донесе овој Закон.

Слични содржини