Радев: Членството на С. Македонија во ЕУ е стратешка цел

од Nikola Popovski

Напредокот на Република Северна Македонија кон полноправно членство во Европската унија е стратешка цел на Бугарија. Сепак, неговото спроведување зависи од подготвеноста и политичката волја на нашиот југозападен сосед да ги исполни критериумите за членство во ЕУ и почитување на правата на граѓаните кои отворено го изразуваат својот бугарски национален идентитет, изјавил претседателот на Бугарија Румен Радев за време на експертската дискусија за состојбата и перспективите за развој на односите меѓу Бугарија и Република С.Македонија, што се одржа денеска. На состанокот присуствувале потпретседателката Илиана Јотова, како и бугарски научници, експерти, дипломати и новинари, соопшти прес-службата на шефот на бугарската држава.

Учесниците на дискусијата истакнале дека европската интеграција на сите земји од Западен Балкан ќе придонесе за зајакнување на демократските процеси и унапредување на добрососедските односи и економскиот раст во целиот регион.

-За решавање на прашањата во билатералните односи меѓу Бугарија и Република Северна Македонија е потребна политичка волја, активен институционален дијалог и постигнување неповратност во градењето добрососедски односи, рекол Радев.

Според учесниците во дискусијата, занемарувањето на низа аспекти на билатералниот Договор за пријателство, добрососедство и соработка од страна на Република Северна Македонија ја доведува во прашање „изјавената желба на нашата земја да гради добрососедски односи со Бугарија. Затоа, нашата земја треба да инсистира на гаранции во врска со почитувањето на правата на Бугарите во Република Северна Македонија, кои треба да бидат законски регулирани и спроведени во пракса“, стои во соопштението на прес-службата.

Слични содржини