Радев контра Борисов: Болните не умираат од коронавирус, туку од хаосот во управувањето со кризата

од Nikola Popovski

Бугарскиот претседател Румен Радев ја критикуваше владата за нејзиниот став кон кризата предизвикана од коронавирусот. Како што вели тој, луѓето не умираат од вирусот, туку поради хаосот во управувањето со кризата.

Според него, буџетот предложен од Владата за следната година не одговара на постојните предизвици и ќе резултира со уништување на домаќинствата и деловните субјекти, а новата влада што ќе се формира по парламентарните избори напролет ќе се соочи со празна каса.

„Ако го споредите пристапот на бугарската влада кон постојните предизвици и приодите во споредба со другите европски влади, ќе го најдете одговорот на прашањето зошто сме на последното место во Европа и зошто разликата меѓу нас и европските земји продолжува да расте“, изјавил Радев пред новинарите.

Претседателот ја критикувал и одлуката на Министерството за здравство донесена денес да воведе дополнителни ограничувања поради ширењето на вирусот корона.

Според Радев, одлуката за откажување на сите часови во училиштата и универзитетите, затворањето на трговските центри и рестораните била донесена со задоцнување.

Владата, вели тој, имала цело лето да се подготвува за она што се случува сега.

„Пациентите не умираат од Ковид-19, туку првенствено поради хаосот во начинот на управување со кризата и неможноста за пристап до здравствениот систем. Тие умираат поради лошиот начин на живот, отсуството на неопходни превентивни мерки и невозможноста за лекување на други, не помалку опасни болести“, вели тој.

Оваа недела, Бугарија се проби на првото место во Европа по бројот на смртни случаи од коронавирус на 100.000 луѓе. За две недели, вкупниот број на заразени на 100.000 луѓе достигна 622,4, а бројот на починати 22,4.

Слични содржини