Радев: Нема да дозволиме кршење на правата на Бугарите во С.Македонија

од Vladimir Zorba

Бугарија е најсилниот поддржувач на проширувањето на ЕУ, но не може да дозволи кршење на правата на граѓаните на Република Северна Македонија со бугарска самосвест, изјави шефот на бугарската држава Румен Радев на средбата со неговиот австриски колега Александар Ван дер Белен.

Политиката за проширување на ЕУ кон Западен Балкан беше меѓу темите на кои разговараа претседателите на Бугарија и Австрија. На средбата е истакнато дека европската интеграција на земјите од регионот е во интерес на стабилноста и економскиот развој на Европа.

Радев истакна дека Бугарија во принцип и доследно ја поддржува европската перспектива на регионот, која, сепак, не треба да биде ограничена на формални фази во процесот на пристапување и не може да им наштети на интересите на земјите-членки на Унијата и нејзините вредности.

Во врска со напредокот во европската интеграција на С. Македонија, шефот на бугарската држава рече дека очекува јасна политичка волја од нашата земја за спроведување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу двете земји, потпишано во 2017 година.

„Иако во Скопје тврдат дека ги исполнуваат критериумите за пристап, ние сè уште сме сведоци на систематско кршење на правата на граѓаните на РСМ со бугарска самосвест и нивна дискриминација, сè уште има говор на омраза кон Бугарија во учебниците и во јавноста. Напредокот и решавањето на овие прашања зависат исклучиво од политиките на РСМ, со кои Бугарија постојано изразува подготвеност да спроведе конструктивен и отворен дијалог. Ова е начинот да се создаде клима на доверба и да се постигнат конкретни, одржливи и неповратни резултати што ќе доведат до почеток на преговори за членство во ЕУ“, рече Румен Радев.

Тој истакна дека во рамките на словенечкото претседателство со Советот на ЕУ, Бугарија е подготвена да работи на постигнување напредок на чувствителни теми и на решенија прифатливи за обете земји.

Слични содржини