Радев одби да ја потпише декларацијата за членство на Украина во НАТО

од Nikola Popovski

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ на Бугарија, Румен Радев, одбил да го потпише целокупниот текст на декларацијата на деветте земји од Источна Европа поради делот со кој се поддржува влезот на Украина во НАТО, соопшти прес-службата на бугарскиот претседател.

Документот беше потпишан на 2 октомври од претседателите на Романија, Чешка, Естонија, Летонија, Литванија, Северна Македонија, Црна Гора, Словачка и Полска.

„Румен Радев не се согласува со целиот текст на декларацијата што ја усвоија некои источноевропски земји на тема членство на Украина во НАТО. Претседателот ги поддржува другите позиции кои се наоѓаат во документот“, се вели во соопштението објавено од агенцијата БТА.

Иако Бугарија на самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година потпиша декларација за идното членство на Украина, тоа се случуваше во сосема поинаква безбедносна ситуација.

Радев смета дека одлуката за членство на Украина во НАТО треба да биде донесена дури откако Русија и Украина како страни во конфликтот ќе елаборираат, прифатат и спроведат јасни параметри за мирно решение.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно изјави дека Украина поднесува барање за забрзано членство во НАТО. Процесот на прифаќање на Украина во НАТО е предвремен, изјави подоцна помошникот на американскиот претседател за национална безбедност Џејк Саливан. Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, коментирајќи ја изјавата на Зеленски, ја призна непроменливата позиција на Алијансата за правото на секоја земја да го одредува својот пат и политиката на „отворени врати“. Тој нагласи дека НАТО ќе направи се за да му помогне на Киев да се заштити.

Слични содржини