„Рајанер“ ги демантира тврдењата на Белорусија: „Пилотот немаше друг избор“

од Stefanija Kuzmanovska

Белоруската контрола на летање го одбила барањето на пилотот на „Рајанер“ да ја контактира авиокомпанијата откако му било кажано за наводната закана со бомба, се наведува во писмото на ирската нискобуџетна авиокомпанија.

Во писмото испратено до белоруското Министерство за транспорт на 26 мај, извршниот директор на „Рајанер“ ги опиша претходните изјави на белоруски официјални лица како „лажни и неточни“, во кои се наведува дека авионот бил „незаконски пренасочен под лажни изговори“, пренесува „Ројтерс“.

„Пилотот немаше друг избор освен да го пренасочи авионот кон Минск кога Контролата на летот во Минск (АТЦ) го извести дека постои реална закана за поставена бомба. АТЦ одби да контактира со Рајанер, со лажно тврдење дека операторите на Рајанер не одговарале на телефонот“ стои во писмото.

Според транскриптот од разговорите објавени од белоруските власти во вторникот, пилотот повеќепати барал информации за наводната закана со бомба пред конечно да се согласи да слета во Минск.

Белоруските власти приземјија авион на „Рајанер“ во неделата поради наводна закана од бомба, а меѓу патниците беше и Роман Проташевич, ко-основач на каналот на Телеграм „Некста“, кој е забранет во Белорусија како екстремистички.

Поради овој потег на белоруските власти, ЕУ објави санкции против Минск.

Слични содржини