Ракометот добива исклучително силна поддршка преку спортските политики на Владата и на АМС, велат спортските работници

од Nikola Popovski

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев ги прими Драган Начевски, претседател на Судиската комисија при Европската ракометна федерација и Филип Милошевски, генералниот секретар на Ракометната федерација, придружувани од Димитар Митревски, меѓународен ракометен судија и Менде Илиевски, кандидат за меѓународен ракометен судија.

Премиерот Заев на средбата изрази благодарност и признание за повеќедецениската работа на претседателот на Судиската комисија при Европската ракометна федерација Драган Начевски, кој со својата посветена и високостручна работа стигна до врвот на судиската организација на највисокото европско тело и извршува уште неколку високи функции во Меѓународната ракометна федерација.

Успехот на меѓународниот судија Начевски и угледот кој го стекна на многубројните врвни меѓународни ракометни настани, рече премиерот Заев, е успех и афирмација и на Северна Македонија. Посебно внимание заслужуваат заложбите на Начевски на листата на меѓународни ракометни судии да се најдат и повеќе судиски парови од нашата земја, кои со своето учество на големите ракометни турнири ја продолжуваат традицијата на амбасадори на нашата земја.

На средбата со премиерот Заев генералниот секретар на Ракометната федерација Филип Милошевски информираше за претстојните активности на ракометен план и изрази благодарност за поддршката на Владата и на Агенцијата за млади и спорт (АМС) за организацијата на Европското јуниорско првенство за момчиња и девојки кое ќе се одржи во август во Скопје и во Охрид.

Претставниците на Ракометната федерација и на организацијата на судиите на средбата со премиерот истакнаа дека спортот и ракометот во последните 4 години добиваат исклучително силна поддршка преку спортските политики на Владата и на АМС и оддадоа признание на ваучерскиот систем за поддршка на спортските федерации како исклучително иновативен и добредојден систем за финансиска поддршка на спортистите и нивните клубови и федерации.

Слични содржини