Рама: Албанија е лидер на балканскиот Шенген

од Aleksandar Todeski

Балканскиот мини Шенген и интеграцијата во Европската унија беа во фокусот на говорот на албанскиот премиер Еди Рама на конгресот на Социјалстичката партија, чиј претседател е тој.

При тоа порача дека Албанија била поттикнувач на иницијативата за балканскиот Шенген и оти ќе продолжи да биде лидер на процесот.

-Регионален Шенген. Ние бевме поттикнувачи на оваа иницијатива и ќе бидеме лидери во овој процес. Преку овој процес ја зајакнуваме нашата позиција во регионот и во Европа. Преку овој процес ја зајакнуваме нашата кандидатура за членство во ЕУ. Не очекуваме од Европа ниту еден подарок, наша работа е да ја направиме Европа тука. Процесот на интеграција за нас е процес кој ни овозможува побрзо да се движиме преку инструментите што ни ги нуди,рече Рама.

Во врска со одлуката на Брисел што треба да ја донесе на пролет, Рама рече дека нема да чекаат повеќе, бидејќи, според него Албанија ги исполнила своите должности, а на ЕУ е да ја исполни својата заложба за отворање преговори.

-Ни отвораат преговори денес, не ни отвораат, ќе ги отворат преговорите утре или задутре, тоа го знаат само тие во ЕУ. Ние не чекаме повеќе ниту март, ниту мај, ниту октомври, ниту декември, ништо. Ако сакаат нека ги отворат, ако не сакаат нека не ги отвораат. Кога ќе имаат време, ќе ги отворат и им благодариме што ќе ги отворат. Доста е веќе со подготовка за свадба каде сватовите не се појавуваат на денот на свадбата. И покрај тоа што не беа отворени кога ни рекоа дека ќе го отворат, ние продолживме да работиме и ќе продолжиме да работиме како да се отворени, порача Рама.

– Наша работа е, додаде тој, да го сториме тоа за Албанците, Албанија и нашите деца.

Слични содржини