Рама и Вучиќ во Скопје: Ќе се сретнат со Заев

од Nikola Popovski

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Албанија, Еди Рама денеска и утре ќе престојуваат во Скопје, каде ќе се состанат со премиерот Македонија, Зоран Заев во рамките на иницијативата за соработка позната како „Мини Шенген“.

За време на престојот во Скопје, премиерот Заев и Рама ќе учествуваат на Економскиот форум за регионална соработка, организиран од Стопанските комори на Србија, Македонија и Албанија, на 29 јули.

Претседателот на Србија минатата недела објави дека името на иницијативата „Мини Шенген“ ќе биде променето на регионалниот економски форум во Скопје и дека ќе бидат потпишани три договори, како и дека „брзите ленти“ ќе бидат направени на граничните премини во наредниот период за побрз премин на луѓето од регионот, исто како што има посебни ленти за луѓе од Европската унија на влезот во европските земји.

„Работевме на три документи и верувам дека ќе ги потпишеме во Скопје, тие се важни документи за трговија, дозволи за работа и заемна поддршка во случај на пожари, поплави и други катастрофи, што е во интерес на нашите народи“, рече Вучиќ.

Форумот е организиран во рамките на иницијативата „Мини Шенген“, што подразбира подлабока економска интеграција на регионот, за сега три земји: Србија, Албанија и Северна Македонија. Пристапувањето кон иницијативата е отворено и за другите економии од Западен Балкан.

Како што објави Агенцијата за развој на Србија, претседателот Вучиќ и премиерите Рама и Заев ќе ја презентираат политичката и економската визија за интегрираниот регион.

Предвидени се деловни состаноци на бизнисмени од регионот по официјалниот дел на форумот.

Ќе учествуваат скоро 400 компании од регионот. Повеќето од нив, повеќе од 200, аплицирале од Србија, потоа повеќе од 100 од Македонија, од Албанија околу 40, од ​​БиХ десетина или помалку или по една компанија од Австрија, Тајван, Израел, Полска, Романија, Бугарија, Франција и Грција.

Слични содржини