Рама: Најбрз напредок е ако ја земеме судбината на регионот во свои раце

од Nikola Popovski

Албанскиот премиер Еди Рама на прес-конференцијата по Самитот во Тирана рече дека Договорот за слободен пазар дава можност сите граѓани од трите земји да имаат еднаков пристап до пазарот на трудот.

-Потпишавме договор за интегриран систем за електронски услуги кој ги поставува основите за воспоставување заеднички електронски систем за сите граѓани кои бараат одредени услуги, почнувајќи од апликации за регистрација во други земји, работни дозволи. Тие тоа можат да го направат каде и да се преку нивните паметни телефони или компјутери, рече Рама.

Според него, договорите ќе овозможат од јануари следната година границите на овие земји слободно да се минуваат.

-Важно е да се нагласи дека договорот го означува почетокот на извозот на добиток, вклучително и живи животни врз основа на реципроцитет и доверба меѓу земјите. Тоа е вест што производителите ја чекаа, рече Рама.

Тој наведува дека сите договори се базирани на регионалниот пазар.

-Овие договори се опиплив доказ дека Отворен Балкан е иницијатива која овозможува напредок на се што се дискутираше за време на Берлинскиот процес. Отворениот Балкан претставува спроведување на Берлинскиот процес и овозможува формирање на регионален пазар, рече Рама.

Тој наведува дека и еврокомесарот за проширување јасно кажал дека ЕК ја поддржува иницијативата „Отворен Балкан“.

-Ја започнавме оваа иницијатива за да создадеме можност за сите земји од Западен Балкан да изберат брзина со која можат да напредуваат. Најбрзиот напредок може да се постигне ако ја земеме судбината на регионот во свои раце. Затоа поддршката од ЕУ и е важна и таа поддршка ќе продолжи да расте бидејќи иницијативата е многу јасна, да го направиме нашиот регион област во која граѓаните ќе имаат слободи во ЕУ – протокот на луѓе, стоки, капитал и услуги. Во февруари следната година ќе имаме средба во Северна Македонија за да продолжиме со процесот и да може да се оди на отстранување на царинските бариери. Нашата цел е Балканот да нема граници, истакна Рама.

Слични содржини