Рама: Не сум подмитувал контраразузнавач на ФБИ

од Stefanija Kuzmanovska

Албанскиот премиер Еди Рама денеска негираше дека поткупил или дал привилегиран статус на поранешен висок контраразузнавач на ФБИ, кој беше обвинет во Соединетите Американски Држави.

Рама пред парламентот рече дека опозицијата сака „политички да го искористи правниот процес во САД кој нема никаква врска со Албанија, владата или лично со него“, пренесе АП.

Опозицијата побара парламентарна дебата со Рама, тврдејќи дека тој бил вклучен во сомнителни зделки со Чарлс Мекгонигал, поранешен висок контраразузнавач на ФБИ.

Мекгонигал е обвинет во САД дека криел од ФБИ клучни информации кои ги добил за време на патувањето во Албанија во 2017 година од поранешен албански разузнавач, кој наводно му дал најмалку 225.000 долари.

„Имало средби но не и привилегиран статус“

Мекгонигал се состанал со Рама неколку пати и повикал на претпазливост при доделувањето дозволи за бушење нафта на руските компании во Албанија. Рама призна дека имало средби, но ги негираше обвинувањата дека му дал пари на Мекгонигал или привилегиран статус.

„Меѓу обвинувањата нема ништо на таа тема, освен точниот извештај дека се сретнал со мене“, рече Рама за време на говорот, по што ја напушти зградата на парламентот.

Мекгонигал е обвинет и дека работел за руски олигарх додека тој требало да го истражува.

Албанската опозициска Демократска партија на поранешниот претседател Сали Бериша и левичарската Партија на слободата на Иљир Мета побараа оставка од владата минатиот месец, наведувајќи ги како причина корупцијата, врските со организираниот криминал и лошата економска политика.

Опозицијата за утре планира голем митинг пред зградата на Владата, а истиот ден судот ќе одлучи кој ќе ги води демократите – Бериша или неговиот наследник Љуљзим Баша.

Слични содржини