Рама негира контакт со поранешен агент на ФБИ под обвинение

од Radmila Tasevska

Обвиненијата против поранешниот висок агент на Федералното биро за истраги (ФБИ) Чарлс Мекгонигал, покрај врските со руски олигарси, укажуваат дека тој имал сомнителни деловни врски со политичари од Албанија и Босна и Херцеговина.

Во одделен случај поднесен во Вашингтон, обвинителите рекоа дека најмалку од август 2017 година, Мекгонигал не му ја открил на ФБИ неговата врска со поранешен службеник на албанската разузнавачка агенција – опишан во обвинението како „Лице А“.

Исто така, според обвинението, тој не откри дека „имал контакти“ со албанскиот премиер Еди Рама.

Албанскиот премиер Еди Рама изјави дека наводите против поранешниот функционер на ФБИ немаат никаква врска со него.

„Офицер на ФБИ е обвинет во Америка за работи кои немаат врска со мене … а во Албанија процесот против мене започнува на начин на политика, медиумски канали и портали на „Големиот брат“! Навикнат сум на тоа, но неодамна решив да престанам да го вадам секој камен кој се фрла во реката секојдневно“, изјави Рама.

Кон крајот на 2017 година, според властите, Мекгонигал зел вкупно 225.000 долари од „лицето А“, првиот пат во автомобил паркиран пред ресторан во Њујорк, а следните два пати во домот на лицето во Њу Џерси. Според обвинението, Мекгонигал „му кажал на „Лицето А“ дека парите ќе бидат вратени.

Неколку месеци подоцна, на повик на Мекгонигал, ФБИ отвори истрага против американски лобист кој работел за албанска политичка партија – ривалите на Рама. Во таа истрага, лицето А е идентификувано како извор на информации.

Сали Бериша, претседател на Демократската партија, најголемата опозициска партија во Албанија, побара од Канцеларијата на Специјалното обвинителство за борба против организираниот криминал и корупција (СПАК) да ја истражи наводната поврзаност на Рама со аферата. Тој рече дека СПАК и служи на партијата на власт доколку не започне истрага за случајот.

Претставникот на Демократската партија Газменд Барди рече дека по ова прашање се обратил до СПАК.

„Американското правосудство потврдува дека Еди Рама, преку поранешен вработен во Државната безбедност, му платил на својот пријател Мекгонигал цели 225.000 долари за да измисли приказна за лобирање со руски пари на ПД во САД. СПАК нема многу врска со решавањето на оваа криминална афера Само побарајте документација од САД“, напиша Барди на Фејсбук.

Мекгонигал пред судот се изјасни за невин по обвиненијата дека добил пари од поранешен албански разузнавач и дека непријавил контакти и врски со странски претставници.

Обвинението како она против Мекгонигал е ретко правно дејствие против таков висок поранешен службеник за спроведување на законот и доаѓа, според Волстрит журнал, додека Министерството за правда на САД се обидува да ги засили напорите да ги испита адвокатите и другите кои им помагаат на Руските олигарси, како дел од кампањата за притисок на администрацијата на претседателот Џо Бајден против претседателот Владимир Путин.

Слични содржини