Рама: Во Албанија откриени големи количини нафта и гас

од Stefanija Kuzmanovska

Албанскиот премиер Еди Рама објави дека компанијата „Шел“ открила „големи количини нафта и гас“ во таа земја, тврдејќи дека „ова откритие ќе влијае на иднината на земјата и на енергетската иднина на Европа“.

„Се надеваме дека наскоро ќе можеме да го споделиме со нашата јавност, регионално и пошироко, многу важното откритие што холандската компанија ‘Шел’ го прави кај нас. За бројките во моментов не сакаат да зборуваат. Знаците покажуваат дека можеби сме блиску до многу важно откритие на гас и нафта под земја, што ќе влијае на иднината на нашата земја, но ќе има улога и во енергетската иднина на Европа“, рече Рама, пренесоа медиумите во Тирана.

Дека ова е големо откритие оцени и министерката за инфраструктура и енергетика на Албанија, Бељинда Балуку.

„Што се однесува до енергетиката, ‘Шел’ долго време работи во Албанија и со нетрпение го очекуваме резултатот од истражувањето, што ќе биде големо откритие, но без детали што очекуваме. Албанија ќе произведува значителни количини гас и нафта, поделени на 40 отсто гас и 60 отсто нафта“, изјави Балуку.

Слични содржини